еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Корупција во високото образование постои, но не се пријавува

Корупцијата во високото образование ја има, во различни форми и се практикува на различни начини, но студентите иако во голем дел ја препознаваат, сепак не ја пријавуваат.

Ова е заклучокот од настанот „Форми на корупција во високото образование“ кој што Институт за демократија денеска го организираше посветен на формите на корупција кои што се присутни во високото образование и улогата на студентите во борбата со корупција.

На настанот воведно обраќање даде Миша Поповиќ, постар истражувач во Институт за демократија кој рече дека високообразовниот сектор е особено важен прво за да креира генерација на квалитетно образовани граѓани меѓутоа и да креира знаење преку својата научно истражувачка работа и да делува со тоа да се подобри квалитетот и спремноста на општеството да се носи со предизвиците кои ги носи иднината. Тој додаде дека корупцијата може да биде значаен фактор кој ги ослабнува овие потребни капацитети..

Биљана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата истакна дека мора да се разговара за корупцијата во високото образование затоа што постои како проблем, но малку се зборува на оваа тема.

„Овој сектор е третиран во нашата национална стратегија бидејќи граѓаните посочуваат дека постои корупција во високото образование. Во Антикорупциска комисија имаме бројни пријави, но тие најчесто се од анонимни професори. Од студенти не сме добиле ниту една пријава“, истакна Ивановска.

Професорот Гордан Калајџиев, кој е антикорупциски офицер на УКИМ потенцираше дека нема добиено ниту една поплака од студенти за корупција.

„Очигледно дека Антикорупциска комисија како по транспарентна и попозната, на луѓето им била поблиска, а претпоставувам дека тоа се должи и на недоволната упатеност на студентите. Нема ниту на веб-страната на УКИМ насока како да се пријави корупција ниту кој е офицерот.

Исто така важно е офицерот да има постабилен линк со ректорот. Во последните неколку години немаме реални показатели за корупција туку зборуваме само за перцепции, а традиционално студентите не пријавуваат корупција,“ рече Калајџиев.

Викторија Постоловска, студентска правобранителка на УКИМ истакна дека има корупција затоа што УКИМ дозволува корупција, затоа што нашето општество е лишено од социјална кохезија и е општество кое што има коруптивни тенденции и корупцијата насекаде е навлезена, смета

„Во такво општество значително многу се одразува корупцијата и во академската заедница и поради тоа можеме да кажеме со сигурност дека го зафаќа и академскиот простор. Денес УКИМ има проблем со корупција затоа што на УКИМ не се дискутира корупцијата. Ниту се актуелизира темата, ниту има придвижување ниту се преземаат чекори.

Како студентски правобранител до сега не сум се сретнала со пријава за корупција но сметам дека е тоа поради тоа што законот за високо образование е мошне нов и оваа функција е нова“, додаде Постоловска.

Директорката на Младински образовен форум, Теодора Столевска вели дека сите истражувања покажуваат дека младите ќе си заминат од државата или сакаат да си заминат. Примарна причина е што не може да најдат соодветна работа но втора причина е степенот на корупција.

„За жал корупцијата е видна појава во нашето општество, постои секаде. Најчеста појава на корупција во високото образование е непотизам, потоа поткуп, кој постои во неколку форми како купување книги, одење на приватни часови кај професорите и слично.

Но, и младите се тие кои што влегуваат во практики, мамат на испит, купуваат прашања, креираат плагијати на трудови. Студентите се соочуваат со корупција но не знаат каде да ја пријават. Мора да има едукација за начините на пријавување на корупција, да има механизми за заштита на пријавувачите и мора да постојат некакви реперкусии односно казни за оние кои што се вклучуваат во коруптивни дејствија“, смета Столевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 48 пациенти од Ковид-19

Редакција

Кривична пријава против три лица за набавка на медицински средства за Клиниката за токсикологија

Редакција

Железничкиот сообраќај и натаму во прекин

Редакција