До Комисијата за заштита на конкуренцијата на 2 февруари, годинава е доствено известување за концентрација која се однесува на стекнувањето заедничка контрола од страна на „Современ Дом“ АД Прилеп и „ЗСФ-КОМ“ ДООЕЛ Скопје над „Скопски Пазар“ АД Скопје, соопшти Комисијата.
„Подносителот „Современ Дом“ АД Прилеп е акционерско друштво во сопственост на повеќе акционери и истиот се занимава со издавање на недвижен имот. Подносителот „ЗСФ-КОМ“ ДООЕЛ Скопје е друштво со ограничена одговорност основано од едно лице.
Основач и управител на друштвото е Фатмир Етеми од Скопје. Подносителот „ЗСФ-КОМ“ ДООЕЛ Скопје се занимава со изградба и продажба на недвижен имот – станбен и деловен простор.
Целното друштво „Скопски Пазар“ АД Скопје е акционерско друштво во сопственост на повеќе акционери и истото се занимава со организирање на зелени пазари во градот Скопје и издавање на деловни простории на територијата на Република Северна Македонија.
Според подносителите на известувањето, релевантниот пазар на стоки за пријавената концентрација може да се дефинира како пазар на издавање недвижности, а релевантниот географски пазар како Република Северна Македонија.
Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“, соопшти Комисијата.
Оттаму ги повикуваат заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.
„Забелешките и мислењата на заинтересираните трети страни можат да се испратат на адреса: ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, Скопје или по e-mail: [email protected] и истите треба да пристигнат до Комисијата во рок од 10 дена од денот на објавување на ова известување“, соопшти Комисијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
По намерата за преземање, Скопски пазар на „Листата за набљудување“ на Македонската берза