еМагазин
Image default
Балкан

Лани во Србија издадени 498 работни дозволи на граѓани на Македонија, годинава 179

Во Србија според податоците на Националната служба за вработување (НСЗ) од почетокот на годинава издадени се 179 работни дозволи, додека лани издадени се вкупно 498 работни дозволи за државјани на Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во периодот од 1 јануари до 6 април 2023 година, надлежните ограноци на Националната служба за вработување, применувајќи ги одредбите од законот за вработување странци и прописите за дозволи, издале вкупно 179 работни дозволи на граѓаните на Македонија, од кои 48 барања се одобрени на жени од оваа земја, наведуваат од НСЗ.

Минатата година, на македонските државјани им се издадени вкупно 498 работни дозволи, од кои 174 на жени, наведуваат од НСЗ, додавајќи дека од земјите на Отворен Балкан, на албанските државјани годинава им се издадени 24 работни дозволи (пет за жени).

Во првите три месеци од годинава Србија на странци им издала 11.717 работни дозволи, а лани вкупно 35.168, покажуваат податоците на Националната служба за вработување.

-И годинава најмногу работни дозволи се издадени на државјани на Кина, Русија, Турција, Индија, Куба, Македонија, Украина и Непал… На топ 10 листата се и соседите, а градежништвото како индустрија е дефинитивно предничи, изјавија од НСЗ.

Минатата година во Србија работеле точно 35.174 странци, што е за околу 12.000 повеќе од 2021 година, од кои најбројни се Кинезите со 10.044 работни дозволи и Русите со 8.081 дозволи.

Процедурата за добивање, односно издавање на работна дозвола во Србија засега е иста за сите странци, без разлика од која земја доаѓаат. Постапката е донекаде условена од видот на работната дозвола за која се поднесува барањето.

Законот за вработување на странци пропишува седум видови работни дозволи, а особено е специфична работната дозвола за вработување, каде што работодавачот пред поднесување на барањето за дозвола е должен да поднесе барање за тестирање на пазарот на трудот.

Меѓутоа, граѓаните на Отворен Балкан, потписнички на Договорот за условите за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, кои во согласност со Договорот добиваат одобрение за пристап до пазарот во земјата на вработување, нема да бидат обврзани да аплицираат за дозвола за работа и дозвола за привремен престој во Србија.

Одобрувањето за слободен пристап на пазарот на трудот ќе биде дозволата за влез, престој и работа. Истото ќе важи и за српските граѓани доколку изберат да работат во Македонија или Албанија.

За да започне имплементацијата на Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан, потребно е потпишување на протокол со кој подетално се регулира примената.

Од Владата на Србија порачуваат дека забрзано ќе работат на имплементација на договорот меѓу трите земји, бидејќи тоа директно ќе влијае на зајакнувањето на економската соработка.

Од НСЗ за Бизнис.рс велат дека засега сè уште се издаваат дозволи за граѓаните на Македонија и Албанија, како и за сите други кои сакаат да работат на територијата на Србија.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Познатиот хрватски молекуларен биолог Иван Џикиќ: Поголема е веројатноста од тромбоза ако летате до Австралија и од контрацепција, отколку од „АстраЗенека“

Редакција

(Видео) Трагедија во Романија: Најмалку 10 загинати во пожар во болница за третман на Ковид-19

Редакција

(ВИДЕО) Запалено македонското знаме на протестот против Договорот од Преспа во Атина

Редакција