Обвинителката Ленче Ристоска од Основното јавно обвинителство (ОЈО), е во фокусот на јавноста откако поднесе оставка.
Истата следи откако таа од страна на новиот државен јавен обвинител Ненад Савески беше изземена од предметите “Талир 1“ и “Талир 2“, поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка
Претходно пак од страна на Советот на јавни обвинители беше одбиена нејзината иницијатива во која тврдеше дека врз нејзината самостојност имало надворешни влијанија и притисоци, посебно поради нејзиното постапување во предмети за ВМРО-ДПМНЕ, а како притисоци ги наведе и изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, како и соопштенијата на партијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ленче Ристоска отпадна, кој останува во трката за нов државен јавен обвинител
Таа исто така неодамна беше кандидат и за местото на Савески, но отпадна, откако не беше селектирана од Владата.
Која е Ристоска
На јавноста и стана позната кога стана дел од тимот на поранешното СЈО во 2016 година, кое заврши неславно, откако шефицата на СЈО, Катица Јанева, заврши во затвор за случајот “Рекет“.
Ристоска таму беше и потпарол.
Родум е од Тетово.
Нејзината фамилија има историја во правосудниот систем. Татко и бил судија.
Инаку е кадар на Академијата за судии и јавни обвинители и важи за обвинителка која имаше големи амбиции за својата кариера.
Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј“.
По затворањето на СЈО, таа беше префрлена во ОЈО.
Прв македонски јавен обвинител за врски со Европравда
Ристоска во 2024 година стана и првиот македонски јавен обвинител за врски со Европравда, Агенцијата на Европската унија за правосудна соработка во кривични прашања, во Хаг, Холандија.
Таа и претходно, од 2018 година го работеше тоа, но во 2024 година за првпат беше именувана по јавен оглас.
Во периодот од 2013 до 2015 година беше обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје.
Во СЈО беше обвинителка од 2016 до 2019 година.
Од страна на Советот на јавни обвинители во 2021 година не беше унапредена за обвинител во Вишото јавно обвинителство, оти била премлада, а за истата позиција не беше избрана и неколку месеци подоцна, бидејќи била на породилно.
За тоа Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација по основ на лично својство и општествен статус за нејзе.
Таа лани беше и еден од кандидатите за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, Франција, а самата на Фејсбук откри дека пријателски ѝ било укажувано да ја повлече кандидатурата.
На кои случаеви работеше
Освен предметите “Талир 1“ и “Талир 2“, во јавноста беше препознаена и по уште еден случај кој го отвори поранешното СЈО.
Станува збор за случајот “Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување, со која поранешниот директор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор.
Пресудата во 2022 година падна на Апелацискиот суд, а предметот застаре по скандалозните измени на Кривичниот законик.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавила обвинителката Ленче Ристоска, која поднесе оставка
Фото: Телма














