еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Личности на годината на „еМагазин“: Македонските здравствени работници

Изминуваат последните денови од 2020 година, којашто ќе остане запаметена како една од најтешките за Македонија и воопшто за човештвото поради распламтувањето на пандемијата од Ковид-19.

Никој не веруваше дека сцените што до вчера сме ги гледале во научно фантастичните филмови можат да станат реалност и дека луѓето ќе умираат од невидлив непријател.

Тажно е што над 2.000 македонски граѓани веќе го загубија животот како последица од компликации на Ковид-19, но оваа бројка најверојатно ќе беше многу поголема без пожртвуваноста на македонските здравствени работници.

Тие несебечно, со натчовечки напори секојдневно речиси цела година водат битка за спасување животи. При тоа, дел од нив настрадаа.

Редакцијата на „еМагазин“ вообичаено пред новогодишните празници избира личност на годината, но овој пат решивме за наши херои за 2020 година да ги прогласиме сите македонски здравствени работници поради нивниот ангажман во борбата против Ковид-19.

За тоа, искрено им благодариме.

„еМагазин“ ваквото признание го доделува веќе осум години.

Личност на годината за 2019 година беше главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова која со својата скромност и однос кон пчелите остави силен впечаток врз милиони луѓе во светот.

Личност на годината за 2018 година на „еМагазин“ беше актерката и активистика Ирена Ристиќ, која ја крена свеста на граѓаните и институциите за здрава животна средина.

Во 2017 година, Личност на годината беше тогаш главниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“ и селекторот на Македонската репрезентација Раул Гонзалес, поради историскиот успех на РК „Вардар“ со освојување на тронот во Лигата на шампиони на ЕХФ.

Во 2016 година Личност на годината беше обвинителката Фатиме Фетаи, поради зборот правда која често го користеше.

Во 2015 година ја избравме Ленче Здравкин, поради несебичната грижа кон бегалците, нејзината помош и големото срце.

Во 2014 година Личност на годината на „еМагазин“ беше студентот од Битола, Томе Кириази, кој на сиромаштијата и пркосеше со своето знаење и натпросечна интелигенција.

Во 2013 година ја избравме уметничката Розе Мојсовска, која и покрај телесниот хендикеп, создава уметнички дела цртајќи со уста.

Фотографиите за колажот се превземени од официјалниот фејсбук-профил на министерот за здравство Венко Филипче, по случаен избор

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Предметот за Муареми ќе го работи Стефанова, а Коларевиќ за „Виа комерц“: Обвинителство ги распореди предметите на Русковска

Редакција

Убава вест: Бројката на оздравени е поголема од новозаболените и изнесува 172

Редакција

Хан: За жал малцинство земји-членки не прифатија отворање на преговори со Северна Македонија

Редакција