еМагазин
Image default
Македонија

Лидија Димова не дава оставка по обвинувањата за злоупотреба на пари од програмата „Еразмус“

Во програмата „Еразмус“ е дозволено да се пријави секој. Нема организација што не може да биде корисник, а во последно време во делот „Млади“ корисници можат да бидат и физички лица. Единствено е забрането за политички партии, соопшти на онлајн прес-конференција Лидија Димова, директор на Националната агенција за образовни програми и мобилност по обвинувањата околу распределбата на пари преку европската образовна програма.

За добитникот на грантот Зоран Златковски, за кој деновиве се пишуваше дека добил 270.000 евра за фризерница, рече дека го познава откако е директорка, а дека тој има искуство со Агенцијата од 2011 година.

На прес-конференцијата беше и Златковски, според кого е лажна вест дека грантот го добила фризерница, туку аплицирал со фирмата „В.Е.З трејд“ која има посебна сметка и е наменета само за проектите за Еразмус.

Таа ги има, рече, сите капацитети и е квалификувана во можноста да ја користи Еразмус-програмите. Фирмата постои од 2001 година и оттогаш работела во различни дејности, а моментно е регистрирана како фризерски салон и салон за убавина, но рече дека има општа клаузула за дејност односно може да се занимава со се што е во врска со регуларниот бизнис во државата и дека тоа не ја спречува да аплицира во Еразмус-програмата.

Нагласи дека никогаш не била затворана и казнувана и дека е отворена за проверки на смеководството од страна на Обвинителството и други надлежни институции. Со „В.Е.З трејд“ аплицира од 2018 и добил грант кој чини околу 53 илјади евра.

„Фризерница е тотално лажна вест. Фризерница не добила проекти. На фирмата „В.Е.З трејд“ и се одобрени грантови кои се изработени во соработка со Националната агенција. Фризерницата посебно функционира, има посебна сметка, регистрирана е како фризерски салон и салон за убавина, но тоа  е сосема друго.

Оваа сметка функционира исклучиво за проектите и тие пари се доделени за партнерските организации. Според правилата на Еразмус, кога ќе ги добијам, 80 проценти од парите им ги префрлам на партнерските организации, во моментов тие се од Бугарија и Литванија“,  рече Златковски.

Проектите се однесувале на младинска работа и на едукација на млади за медиумска писменост, и двата се, рече, успешно затворени со вклучени наставници и ученици од партнерските земји. Биле организирани серија обуки и опфатени околу 50 ученици од различни средни училишта преку огласи на веб-страницата на „В.Е.З Трејд“.

Тие оделе во странство за обуките за медиумска писменост во дигитално опкружување, а во текот на проектот имале соработка и со АВМУ и екипи на МРТ. Направена е, рече, и емисија која ќе се прикажува на јавниот сервис од 26 октомври за Деновите на медиумска писменост, а од март е планирано да се снимаат нов циклус емисии кои ќе бидат интернационални, но дека услов за тоа ќе биде короната. Поради успешноста на тој проект, рече Златковски, и оваа година повторно аплицирал во Еразмус за нов проект кој со претходниот ќе бидат спој.

Во врска со проектот за „тренирање хрватско магаре и липицанер“ за кое училиште од земјава добило 83.000 евра, директорката Димова рече дека не е толку смешен како што некој сакал да направи приказна во јавноста.

За 54-те илјади евра за Кипар и  т.н. гостопримство, пак, рече дека се работи за лошо преведен збор и дека “hospitality“ на американски значи угостителство.

„Се работи за угостителско училиште кое оди во Кипар, учат како да работат во нивните хотели и ресторани и се враќаат назад. Јас не сфаќам што има толку лошо во тоа. Фамата и она што јавноста не го разбира е дека тие 54 илјади не ги зема трето лице, тие се за трошоци за двете организации во случајот. Исто и за проектот со магарињата – парите не ги зема само училиштето кое ќе оди таму, туку сите организации и меѓу себе си ги делат парите“, рече Димова.

Посочи притоа дека во Еразмус-програмата постојат и т.н. повелби за стручното и високото образование и дека сите стручни училишта кои кога исполнувајќи строги услови ќе добијат повелба, автоматски добиваат пари, а не аплицираат.

„Така што, вие тогаш може и за воздух да побарате пари, ние сме должни да ви ги дадеме, но треба да се има соодветен партнер. Тоа е и предност. А прашање е зошто ние досега не сме имале доволно стручни училишта за да земаат вакви повелби. Две третини од повелбите се дадени во последните две години откако сум јас директорка“, рече Димова.

Во врска со написите за набавени три возила за Агенцијата, одговори дека тие не се купени, туку изнајмени на лизинг и за користење три години. Должни се пред ЕУ годишно да прават минимум проверки и дека до нејзиното доаѓање во Агенцијата тој не се исполнувал затоа што немало со што одат на посета за да ги проверуваат проектите. Прашала во Брисел дали може да се земат возила, но правилата, рече, не дозволуваат да се купуваат.

На инсистирањето за оставка што од неа ја бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димова одговори дека „ќе мора да ги разочара зашто оставка нема да дава“.

„Јас ќе останам во оваа Агенција се додека не се разреши вистинската дилема, а тоа е што се случи со 2,2 милиони евра кои се проневерени во времето на поранешното раководство“, изјави Димова.

Соопшти дека се доставени голем број апликации за 2020, а има и уште еден рок, а посочи и дека ЕК ја пофалила Агенцијата за сработеното во минатата година. Агенцијата не работи со полн капацитет зашто две третини се отсустни од работа поради Ковид-19, други се на боледување или не доаѓаат на работа од други причини.

Покрај утврдениот буџет, минатата година, рече, донеле дополнителни 3,7 милиони евра за училишно образование, а годинава и дополнителни 4,6 милиони евра.

„Тоа значи, дека 74 отсто го зголемивме буџетот од тој што првично ни беше одреден. Над илјада доставени проекти. И ако некој мисли дека може со илјада проекти да се манипулира, секоја чест.

Процесот е многу комплициран и под окото на Европската комсија. Има можност и за снимање на целиот процес на доделување проекти и ние го снимаме, покрај тоа што имаме и комисија“, додаде Димова на прес-конференцијата.

МИА/Фото: ТВ 21

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација

Зоран Златковски: Не сум “фризер”, туку наставник, обучувач и консултант

Европската Комисија отвори истрага по наводите за злоупотреба со фондовите Еразмус плус во Македонија

Лидија Димова не дава оставка по обвинувањата за злоупотреба на пари од програмата „Еразмус“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Првиот човек на НАТО, Столтенберг повторно доаѓа во Скопје

Редакција

Судот и ја отфрли жалбата на Јанева за определениот притвор

Редакција

Државна ревизија се сомнева во вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Министерството за труд и социјална политика

Редакција