Забрането групирање во паркови, но дозволени црковни поворки сред град. Ова е единствениот заклучок по вчерашниот собир со Струга во кој стотици граѓани присуствуваа на традиционалната литија.
Попусто регира министерот за здравство Венко Филипче кој на Фејсбук изрази разочарување од собирот на верниците и побара да се спроведе истрага како се дозволило да се случи.
„Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата.
Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо.
Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир, кој е строго забранет.
Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала“, стои во објавата на министерот Филипче.
Попусто се и оправдувањата на свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на традиционалната литија што се одржа во Струга дека неколку дена претходно и пред самиот настан гласно повикале на придржување на мерките дадени од државните власти.
Фотографиите од Литијата откриваат дека токму црковните лица не носат маски, како и голем број од учесниците во поворката.
И Црквата и учесниците во поворката како да заборавија дека нивни сограѓани починаа од корона вирусот.
Ваквите настани само ги истакнуваат двојните аршини во однос на мерките за заштита од ширење на корона вирусот и ја доведуваат во прашање легитимноста на досега изречени казни против граѓани кои не ги почитуваа мерките.
Простете, но законот треба да важи за сите!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Построг полициски час само за Струга“: Твитер реакции за верскиот собир
(ВИДЕО) Во време на пандемија, стотици верници по улиците на Струга за традиционалната литија
Фото: Фејсбук/Данче Секулоска