еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Лончар понуди, но Филипче одби да ги донесе вакцините од Србија во Македонија, за граѓаните да не мора да се ревакцинираат таму

Министерот за здравство Венко Филипче, во интервју за телевизија Сител упати порака македонските граѓани кои се вакцинирале во Србија, на ревакцина да отидат пак таму.

Станува збор за околу 15.000 граѓани кои се вакцинираа во Србија, од кои сигурно околу 10.000 се со вакцината „АстраЗенека“, а дел со кинеските.

При неодамнешната посета на Филипче на Белград, неговиот српски колега Златибор Лончар, понуди опција вакцините Србија да ги испрати во Македонија, бидејќи како што рече „се е работа на договор“. Но, судејќи според последната изјава на Филипче на таа тема, произлегува дека ја одбил оваа понуда.

Образложението на македонскиот министер е дека Македонија нема да вакцинира со „АстраЗенека“ лица под 60 години. За волја на вистината, тие под 60 години, прашање на време е кога ќе стигнат на ред и со други вакцини, имајќи го предвид темпото со кое се вакцинира, бидејќи нема вакцини. Но, важно, нема да се вакцинираат со „АстраЗенека“.

На апликацијата за покажување интерес за вакцинација, вакцинација.мк, пред македонските граѓани масовно да заминат на вакцинација во Србија, беа пријавени околу 140.000 граѓани, кои по вакцинацијата таму најверојатно ги откажале термините за во Македонија.

Постојаното трубење за „небезбедноста“ на вакцината „АстраЗенека“, мислиш дел од Скандинавија сме, па имаме на претек и избор милион вакцини, па може да си дозволиме да избираме, создава недоверба и кај возрасната популација, која е предвидена да се вакцинира со оваа вакцина.

Процентот на непојавени на закажани на вакциналните пунктови останува околу 20 проценти, а можеби е и зголемен.

Европската агенција на лекови, даде препорака секоја држава сама да одлучи за употребата на „АстраЗенека“, нагласувајќи дека бенефитот од вакцината е многу поголем од ризиците и ја препорачува за употреба. Државите кои имаат доволно вакцини, одлучија заради претпазливост да ја даваат на лица над 60 години.

Словенија на пример нема ограничувања на пол и возраст, а Грција ја дава над 30 години. А ние, ем шути, ем бодеме!

Прашање до министерот, дали доколку преку Ковакс механизмот добиевме поголема количина од „АстраЗенека“ со која ќе се покриеја повозрасните и останеа количини за под 60 години, ќе ги фрлеше вакцините или ќе ја сменеше реториката?

Граѓаните одамна препознаваат политички изјави, наспроти стручните кои потешко стигаат до нив, бидејќи политиката одамна го има надвладеано разумот.

Изјава за ревакцина во Србија за околу 15.000 македонски граѓани не се дава на вести, туку се испраќа официјално соопштение. И што беше тешко организациски тие вакцини да се донесат дома, па македонските граѓани да не мора повторно да одат, кога веќе имало опција да се донесат овде?

Наместо да ги донесете вакцините дома, да ги охрабрите да се ревакцинираат и со тоа да испратите порака и кон повозрасните граѓани. Менувањето на изјави на дневно ниво, внесува само дополнителна конфузија и кај тие што сакаат да се вакцинираат.

А граѓаните кои се потегнаа за Србија, пак ќе одат и ќе ја завршат ревакцинацијата таму. Но, не е коректно да не излезете во пресрет, само заради тоа што спасот го побараа во соседна држава, која во овој случај се покажа како мајка, а сопствената држава како маќеа.

Немате обврска, но покажете добра волја!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Граѓаните кои се вакцинираа со „АстраЗенека“ во Србија, Филипче ги упати на ревакцина таму

Македонските граѓани кои се вакцинираа во Србија, втората доза ќе ја добијат или таму или дома

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ВМРО-ДПМНЕ: Сѐ освен победа на Силјановска ќе фрли темни дамки за сериозен инженеринг

Редакција

Што доживеавме, ЕУ да не дискриминира за вакцини

Редакција

Сите детали: Што пишува во уставните амандмани што ги усвои Владата?

Редакција