Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во интервју за емисијата „360 степени“, која се емитува на Алсат М, најави дека Македонија ќе и донира хеликоптери на Украина.
По завршувањето на анализата на Генералштабот пред македонската Влада на следната седница ќе се најде предлогот за донација на 12 хеликоптери М-12 за Украина.
Хеликоптерите се произведени во 1984 година, во поголем дел веќе во 2015 година се истечен ресурс и не се користат, вели таа. Со нивното донирање, како што рече министерката, не се менува борбената готовност на Армијата.
„Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, е опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме“, рече Петровска.
За плановите за набавка на нови хеликоптери, министерката информираше дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.
Фото: АРМ