еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Македонија нема да добие помош од Солидарниот фонд на ЕУ

Северна Македонија нема да добие средства од пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Солидарниот фонд на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Твитер ги објави земјите кои ќе бидат опфатени со овој пакет. На листата се 17 земји од ЕУ и три држави кандидати – Србија, Црна Гора и Албанија, но и не и Северна Македонија.

– Помошта е за да се покријат трошоците за медицинска и заштитна опрема, итна помош, превенција, следење и контрола на ширењето на болеста, напиша Фон дер Лајен.

Од пакетот вреден 529.347.741 евра, Србија треба да добие речиси 11,968,276 евра, Црна Гора 199,505 евра, а Албанија 905,271 евра

Димитров: Институциите пријавиле дека потрошиле под осум милиони евра, поради што не е исполнет условот за помош преку ФСЕУ

За да добиеме помош како држава од ЕУ фондот за солидарност, минималната вкупна сума на овие трошоци за првите четири месеци на кризата требало да надмине близу 31 милиони евра (пресметана како процент од македонскиот бруто национален доход), објави на Фејсбук, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.

Нагласи дека во мај минатата година Секретаријатот за европски прашања (СЕП) доставил информација до Владата со барање сите институции да ги пријават сите трошоци поврзани со здравствените аспекти на пандемијата.

-Нашите институции, сите заедно, пријавиле дека вкупно потрошиле под осум милиони евра со што не сме го исполниле условот за помош преку овој механизам. Рокот за аплицирање бил на 24 јуни минатата година, појасни Димитров.

Претходно СЕП излезе со соопштение во кое наведе дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.

-Во април 2020 година, Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата.

Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19, наведе СЕП.

Во таа насока, СЕП подготвил Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор.

Информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, била разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата на Република Северна Македонија (одржана на 12.5.2020 година), по што се иницирало прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки било констатирано дека Република Северна Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ.

-Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант.

Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра, нагласи СЕП.

Во соопштението се додава дека за финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата бил периодот 10.03. – 09.07.2020 година.

ЕУ ја поддржува Северна Македонија од почетокот на пандемијата, за ФСЕУ не ги исполни критерумите, велат од Делегацијата на ЕУ за МИА

Европската Унија обезбеди одржлива помош за Северна Македонија во справување со Ковид-19 од почетокот на падемијата. Во врска со Фондот за солидарност на ЕУ, според нашите сознанија Северна Македонија не ги исполни поставените критериуми во моментот на аплицирање.

Ова го наведоа Делегацијата на ЕУ во земјава во одговор на прашањето на МИА во врска со реакциите дека Северна Македонија не е меѓу земјите, кои ќе добијат средства од пакетот финансиска помош од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Фондот за солидарност на ЕУ.

-ЕУ обезбеди одржлива помош за Северна Македонија во справување со Ковид-19 од почетокот на падемијата. Конкретно обезбеди 226 милиони евра за покривање на медицински материјали и опрема, за поддршка на ранливите групи, бизнисите и невработените, како и за микрофинансиска помош, наведуваат од ЕУ делегацијата за МИА.

Потсетуваат дека неодамна се обезбедени и 70 милиони евра за набавка на вакцини и поврзана опрема за регионот на Западен Балкан.

-Ова доаѓа како дополнување кон Економскиот и инвестицискиот план дизајниран за поддршка на долгорочното закрепнување на економиите на земјите од Западен Балкан во вредност од девет милијарди евра, додаваат од ЕУ делегацијата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќе се преиспита содржината на учебникот по Историја за седмо одделение

Редакција

Беса засега нема да поднесе инцијатива за интерпелација на Груби

Редакција

Заев направи мал чекор во вистинската насока, ако се продолжи вака, следната година може да зборуваме за старт на преговорите, порача Каракачанов

Редакција