еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Македонска економија годинава со раст од 1,8% и инфлација од 9,1%, предвидува Светска банка

Економскиот раст на Македонија годинава ќе биде 1,8 отсто, во 2024 година ќе изнесува 2,5, а во 2025 година ќе се зголеми на 2,9 проценти. Инфлацијата, пак, во 2023 година ќе се задржи на ниво од 9,1 процент, за во наредната година да се намали на три, а во 2025 на два отсто, прогнозира Светска банка (СБ) во најновиот извештај за економските показатели на земјите од Европа и Централна Азија.

СБ оценува дека среднорочните економски изгледи на земјава се позитивни, но остануваат ризиците.

„Растот во 2023 година се очекува скромно да се зголеми до 1,8 отсто, како одраз на забавувањето на надворешната побарувачка и постојаната криза на трошоците на живот, делумно неутрализирани од влијанието на изградбата на автопат.

Растот се очекува умерено да се забрза на среден рок поради порастот на јавните инвестиции, закрепнатата потрошувачка и извоз. Се предвидува дека годишната инфлација ќе остане на ниво од 9,1 отсто во 2023 година, но долгорочно да се намалува до 2 отсто во 2025 година,“ се наведува во извештајот за земјава.

СБ забележува дека остануваат и натаму основните ризици кои во голема мера ќе зависат од економската состојба во земјите кои се најголеми трговски партнери и продолжувањето на процесот на пристапување во ЕУ, што може да ги забрза критичните реформи.

„Сепак, зголемената политичка неизвесност и продолжениот парламентарен ќор-сокак поради недостаток на консензус за уставни измени, како и претстојните избори може да ја одложат имплеметацијата на реформите.

Конечно, политичките проблеми носат ризик и за фискалната одржливост и инфлацијата, што ќе бара дополнително монетарно затегнување, кое, пак, може дополнително да ги ограничи опциите за финансирање и да ја забави економската активност,“ оценува СБ.

Банката прогнозира дека целиот регион на Западен Балкан годинава ќе забележи раст од 2,5 проценти, за разлика од лани кога изнесуваше 3,2 отсто.

Највисок економски раст во 2023 година ќе има Црна Гора од 4,8 проценти, потоа Албанија 3,6 проценти, Косово 3,2 проценти, Хрватска 2,7 проценти, Босна и Херцеговина 2,2 проценти, Србија, 2 проценти и Бугарија 1,4 проценти.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Светско првенство во ракомет: Македонија изгуби од Словенија

Редакција

еМагазин во Дебар: Дебарчани убедени дека Груевски избегал од овде

Редакција

Скопје Север прекина да испорачува парно во Чаир и Бутел, одбива да потпише договор со ЕСМ

Редакција