Македонската берза (МБ) го објави првото упатство за управување со еколошко-општествени и управувачки аспекти за компании кои се котираат на берзата, креирано со техничка помош на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Одржливото известување стана клучен елемент во развојот на современите пазари на капитал. Растечкиот притисок од креаторите на политиките, регулаторите и институционалните инвеститори уште повеќе ги поттикнува глобалните финансиски текови кон одржливи инвестиции.
Ваквиот раст бара поголема транспарентност околу објавувањето извештаи на компаниите кои тргуваат, за справување со еколошките, општествените и управувачките ризиците. Преземањето на активности за ублажување на глобалните предизвици, како што се климатските промени и загуба на биодиверзитетот никогаш не биле поважни, соопшти ЕБОР.
Упатствата подготвени во соработка со одржливите консултации со Стјуард Редквин, наведуваат од ЕБОР, се согласно националната легислатива, одредбите на одржливо финансирање на Европската Унија, како и најдобрите меѓународни пракси.
Тие го земаат предвид и растечкиот развој на праксите на известување за еколошките, општествените и управувачките аспекти во Северна Македонија.
Истите, додаваат, се надградуваат врз Кодот за Корпоративно Управување на компаниите кои котираат, а кои се развиени од Комисијата за хартии од вредност на Северна Македонија, објавени во октомври 2021 година, кој дава поширок преглед на контекстот и праксите на известувањето поврзани со горенаведените аспекти.
– Упатствата на Македонска берза треба да бидат практична алатка за компаниите кои котираат на берзата, во однос на објавување на информации од еколошко-општествените и управувачките аспекти, а кои се согласно Кодот за Корпоративно Управување и најновите меѓународни стандарди во оваа област, изјави Иван Штериев, главен и извршен директор на МБ.
Овие упатства, вели, се креирани за да им помогнат на компаниите кои котираат на Македонската берза, во нивната интеракција со инвеститорите, со цел да им помогнат да разберат како интерно да се справат со истите како со клучна компонента во релациите со инвеститорите и како да управуваат со факторите и ризиците поврзани со истите, но и да им помогнат во стекнување поголема транспарентност, која доаѓа како бенефит на нивната посветеност околу истите.
– Посветени сме да продолжиме да ја поддржуваме земјата во нејзината транзиција кон помалку јаглерод и кон економијата на отпорност на климатските промени, изјави Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
Силно сме посветени, додава Аранитаси, кон подобрувањето на стандардите на корпоративно владеење во земјата и ни претставува задоволство што по одобрувањето на подобрениот Код на управување наменет за компаниите кои котираат на Македонската берза, подготвен со поддршка на ЕБОР, Македонска берза го публикуваше и Упатството за еколошко-општествени и управувачки аспекти, со што, како што вели, им помага на компаниите во Северна Македонија во натамошното управување и доставување извештаи.
– Глобално, има растечка побарувачка за конзистентни и компаративни еколошки, општествени и управувачки аспекти на работењето на компаниите, бидејќи инвеститорите се повеќе бараат долгорочни вредности и усогласеност со одржливоста и целите поврзани со климатските промени.
Бидејќи Северна Македонија продолжува во својот пат кон ЕУ членство, од суштинско значење е да се усогласи националната регулатива и пазарните пракси со рамката на одржливост на ЕУ и најдобрите меѓународни пракси.
Новите упатства ќе го зголемат сознанието на котираните компании за ваквите пракси и поддршката во нивниот пат кон еколошките, општествените и управувачките аспекти на работење, изјави Веселина Харалампиева, виш советник во Програмата за правна транзиција на ЕБОР.
Македонската берза, се наведува во соопштението од ЕБОР, има силна улога во олеснување на протокот на информации околу еколошко-општествени и управувачки аспекти на работење помеѓу компаниите и инвеститорите, со зајакнување на транспарентноста, обезбедување на упатства и услуги, како и зголемување на осознаеноста на клиентите и акционерите на пошироко ниво.
Минатата година ЕБОР помогна околу развивање и публикување на упатствата за известување за еколошко- општествените и управувачки аспекти на Варшавската берза.
– Во 2021 година, ЕБОР инвестираше 134 милиони евра во Северна Македонија. Од почетокот на активностите во земјата од 1993 година, Банката има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 154 проекти во земјата, со значајно финансирање преку грантови кое го мобилизира и до денешен ден.
Заедно со целите на ЕБОР за зголемување на зелените финансии, 61 отсто од инвестициите во Северна Македонија беа во таканаречените зелени проекти, се вели во соопштението.