еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Македонски банки ќе отпуштаат поради окрупнувањето и новите технологии

По најавите од синдикатот на Охридска банка дека по преземањето од страна на Шпаркасе банка е можно прогласување технолошки вишок на дел од вработените станува јасно дека окрупнувањето во македонскиот банкарски сектор, но и забрзаната употреба на нови технологии од страна на банките ќе донесе и намалување на бројот на работници во оваа дејност.

„Иако понудувачот ја препознава потребата за посветен и квалификуван кадар со локална експертиза, потенцијалната потреба за оптиматизација и консолидација како резултат на интеграцијата може да доведе до намалување на работните места“, соопшти вчера Синдикатот на Охридска банка преку Македонската берза.

Изминативе денови и Комерцијална банка најави дека е заинтересирана за купување на Еуростандард банка. Доколку се случи преземање на банката можно е и таму да има оптиматизација на трошоците преку намалување на бројот на вработени.

БАНКИТЕ ЗАТВОРААТ ДЕЛОВНИ ЕДИНИЦИ

Според податоците на Народната банка, заклучно со 2018 година банкарската мрежа е распространета низ речиси сите градови во Македонија и се состои од 420 деловни единици.

Вкупниот број на деловни единици се намали за седум (се отворија три нови деловни единици, а се затворија десет).

Околу 42% од вкупниот број деловни единици се сконцентрирани во Скопскиот регион, каде што пристапот до банкарските услуги, мерено според бројот на жители по деловна единица, е сè уште најдобар, и покрај намалувањето на бројот на деловни единици (за седум) во 2018 година.

Што се однесува до остатокот од земјата, во Пелагонискиот, Источниот и Југоисточниот регион се забележува мало подобрување на пристапот до банкарските услуги, додека во Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот регион, мало влошување.

КОЛКАВ Е БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ?

Во 2018 година, бројот на лица вработени во банкарскиот систем незначително се промени (се зголеми за 4 лица) и изнесува 5.933.

Квалификациската структура на вработените во банкарскиот сектор бележи понатамошно подобрување.

Учеството на вработените со минимум високо образование и натаму се зголемува, достигнувајќи 81% од вкупниот број вработени во банкарскиот систем, што претставува годишен раст од 2,2 процентни поена.

Продуктивноста на банкарскиот систем и натаму се подобрува. Растот на активата во 2018 година позначително забрза, при незначителна промена на вкупниот број вработени.

„Но, анализирано по поединечна банка, разликите во продуктивноста на одделните банки се значителни и дополнително се продлабочија во 2018 година, најмногу како резултат на подобрувањето кај банките со повисока продуктивност.

Зголемувањето на износот на активата по вработен е особено забележително кај банката со највисока продуктивност во секторот, а произлегува од солидниот годишен раст на активата на оваа банка (23,6%), при истовремено намалување на бројот на вработени (-13,4%)“, пишува во извештајот на Народната банка за ризиците во банкарскиот сектор за 2018 година.

ВРАБОТЕНИТЕ НАЈЗНАЧАЈНА РАСХОДНА СТАВКА

Во извештајот се додава дека најзначајни расходи на ниво на банкарскиот систем се трошоците за вработените, следени од општите и административните трошоци и исправката на вредноста на финансиските и нефинансиските средства.

„Во споредба со минатата година, кога трошоците за исправка на вредноста имаа највисоко учество во вкупните расходи, оваа година, приматот го презедоа трошоците за вработените. Ваквата промена во структурата на расходите на банкарскиот систем произлегува, пред сѐ, од годишниот пад на трошокот за исправка на вредноста, што предизвика намалување на неговото учество во вкупните расходи, за 6,8 процентни поени.

Истовремено, трошоците за вработените и општите и административните трошоци ги зголемија учествата во вкупните расходи за 2,3 процентни поени и 2 процентни поена, соодветно“, пишува во извештајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Можни технолошки вишоци во Охридска банка по преземањето од Шпаркасе банка

Колку пари ќе бара Трифун Костовски од Хари Костов за продажба на Еуростандард на Комерцијална банка?

Дали Комерцијална банка „се плаши“ од продажбата на Охридска банка?

Прегрупирање во банкарскиот сектор: Поголемите банки ќе ги „голтнат“ помалите

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јанакиески во јуни излегува на слобода

Редакција

Почна расчистувањето на „Треска“, ако не се измени ДУП-от ќе се издаваат градежни дозволи

Редакција

Од денеска промена на времето: Постудено и со врнежи од дожд

Редакција