Македонски Телеком оствари позитивни резултати во 2020 година и покрај предизвиците на работењето што ги наметна Ковид-19 пандемијата, соопшти компанијата.
„Продолжува растот на бројот на корисниците на интернет и телевизија, а се забележува и нов позитивен тренд во ИКТ областа.
Приходите од продажба на Македонски Телеком во 2020 година се зголемени за 2,3 отсто и изнесуваат 11,085 милиони денари.
Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е благо намалена за 0,6 отсто, во споредба со претходната година.
Во 2020 година продолжува да расте интернет и ТВ сегментот. Базата на корисници со пристап до широкопојасен интернет е зголемена за 4,7 отсто и изнесува вкупно 213,8 илјади корисници, со што приходите се зголемени за 2,7 отсто.
Македонски Телеком останува на позицијата лидер на пазарот во ТВ сегментот, со удел од 33,8%.
Во 2020 година, Македoнски Телеком ја зацврсна својата водечка позиција со зголемување на ТВ корисниците за 4,5 отсто, со што базата на корисници порасна до 142,5 илјади.
И оваа година продолжува да расте користењето на ИКТ и Cloud решенија и услуги, што доведе до зголемување на приходите од системска интеграција и ИТ услуги за дури 63,3 отсто во споредба со минатата година.
Овој континуиран позитивен тренд е резултат назабрзаната дигитализација која постави нови услови за водење на бизнисот. Квалитетот на ИКТ услугите и решенијата и сигурноста на податоците што ги нуди Македонски Телеком го позиционираат како партнер за дигитализација на бизнисите.
Изминатава година континуирано се инвестираше во зајакнување на капацитетот на мрежата, за да се задоволат зголемените дигитални потреби на приватните и бизнис корисници. Со инвестиции во оптичката мрежа се зголеми бројот на домаќинства покриени со оптички пристап.
На крајот од 2020 година Македонски Телеком овозможи пристап до оптика на 39,2% домаќинства во земјата, односно повеќе од 221 илјада домаќинства можат да ги користат придобивките на оптичката мрежа што е за 12,8% повеќе споредено со минатата година.
Македонски Телеком останува посветен на беспрекорно одржување на капацитетот на мрежата и интернет пристапот, за да обезбеди непречена комуникација и поврзување на сите корисници“, велат од компанијата.