Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека очекува ДУИ да застане зад интересот на своите сограѓани и да ја поддржи резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија.
-Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава.
И наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ, рече Мицкоски во интервју за „Вечер прес“ на прашањето дали очекува да најде заеднички јазик и обединување и со албанските партии.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Интерпелацијата за Џафери – школски пример кога етничкото е пред Уставот и законите
Мицкоски повтори дека црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се содржани во Резолуцијата што ја доставија до Собранието, и оти веќе направиле консултации со парламентарните партии и од власта и од опозицијата.
-Го поздравувам тоа што и СДСМ одлучи да ја поддржи Резолуцијата, бидејќи и во минатото, сега и во иднина, ВМРО-ДПМНЕ е столб околу кој се обединуваат македонските национални интереси и добро е што СДСМ по неколкудневни обвинувања кон мене лично, успеаја да се надраснат и да сфатат дека идентитетот нема алтернатива и да се обединат околу македонските национални интереси и носечкиот столб кога се работи за тоа прашање – а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
На прашањето дали очекува поместување во разговорите со Бугарија, тој вели дека најпрвин ќе почека да види како ќе завршат изборите таму, закажани за 11 јули.
-Да претпоставиме дека ќе бидат успешни и дека ќе има Влада и Парламент, што го очекувам некаде во втората половина на август. Имајќи предвид дека ние крајот на септември влегуваме во официјална кампања, имаме локални избори, па тие имаат претседателски избори, очекувам дури кон крајот на годината сериозна дипломатска офанзива кон официјална Софија, да ретерира од позицијата на вето и Македонија да ги почне преговорите, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дека ја обвинува власта оти крие детали од јавноста во врска со разговорите со Бугарија, Мицкоски вели дека доколку немале што да скријат, тогаш пред посетата на Заев на Бугарија, требало сите партии да изградат консензус дома.
-Заев отиде таму без да ја информира опозицијата, сепак ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во Парламентот и кога има вака сложено прашање треба да има и консензус, рече Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Османи за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ: Процесот треба да се почне од нула
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ