еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Интерпелацијата за Џафери – школски пример кога етничкото е пред Уставот и законите

Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Талат Џафери е школски пример кога етничкото во Македонија е пред Уставот и законите.

Истата е поднесена поради тоа што Џафери пред неколку дена се обрати на албански јазик во Европскиот парламент, но причини се и преводите во Собранието и седницата на која гласаа двајца пратеници заболени од Ковид-19, облечени во скафандери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пратениците на ДУИ и на Алијанса за Албанците и Алтернатива нема да ја поддржат интерпелацијата за Џафери 

Очекувано, ДУИ нема да ја подржи интерпелацијата, која ја поднесоа Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на пратаеничката група на ДУИ, Арбр Адеми изјави дека поднесената интерпелација е за дневно политички цели, а на прашањето дали Џафери го прекршил Уставот зборувајќи во странство, како официјална личност, на албански јазик, а не на македонски, Адеми одговори со контрапрашање.

“Доколку претседателот на Собранието Талат Џафери во странство зборуваше на англиски јазик, дали би го прекршил Уставот? Ако зборуваше на англиски јазик никој ништо овде немаше да каже.

Сега, бидејќи зборувал на албански јазик, изгледа како тоа некому тоа да му пречи, а всушност и не му пречи, туку само бара дневно – политички поени„, рече Адеми.

Интерпелацијата нема да ја подржат и опозициските Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.

Пратеникот од АА, Халил Снопче изјави дека и покрај тоа што двете партии имаат многу забелешки за работата на Џафери, за нив оваа интерпелација е неоснована.

„Aлбанскиот јазик во Собранието е преведуван јазик. Ние, пратениците Албанци, не можеме само на албански јазик да поднесеме амандмани. Претедателот на Парламентот материјалите од министерствата често ги прима само на македонски јазик, па потоа ги преведуваат службите.

Дипломатскиот кор е многу повнимателен, секогаш се обезбедува превод, покрај на македонски јазик и на албански јазик. Употребата на албанскиот јазик е биолошко право, рече Снопче.

Зошто оваа интерпелација и те како е издржана објасни пратеникот Димитар Апасиев од Левица.

„Повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката, свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во Парламентот, преку противуставно, противзаконско и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот и повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ, свесно загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници“, објасни Апасиев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за Џафери поради повреда на Уставот

Левица бара оставка, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична за Џафери, оти во Европскиот парламент се обрати на албански

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ пак изјави дека има многу причини за интерпелација, но оти она што се случило во Европскиот парламент цврсто ги уверило дека сега треба да биде поднесена интерпелација за Џафери.

“Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре.

Со ова не само што го повреди Уставот, туку го направи македонскиот народ како и јазикот како еден од најважните идентитетски симболи, со што го изложи на подбив македонскиот народ, а всушност ова е кривично дело кое е санкционирано според членот 179 од Кривичниот законик“, изјави Силјановска Давкова.

Друга причина, според неа е една чудна, бизарна номотехника што се применува извесно време во Собранието, непозната не само во која било национална држава, туку непозната ниту во федерациите, ниту во меѓународните организации, ниту во Советот на Европа, ни во Европскиот Парламент.

Имено, појасни таа, ние од неодамна сите материјали вклучувајќи ги и законите ги добиваме во две поглавја. На левата страна на македонски, на десната страна на албански јазик.

“Значи мора да има автентична верзија зошто јас кога гласам за две колони гласам и за верзијата на македонски и верзијата на албански јазик, а јас учам, но не го знам албанскиот јазик. Тоа не е во ред. Ниту има правен основ“, објасни пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Собрание

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Коста Петров, новиот потпреседател на СДСМ: ПР-експерт, бизнис-автор и следбеник на кабала

Редакција

Американскиот државен секретар О’Брајaн вели дека не знае за нон-пејпер за партиите на Албанците за обрзување за уставните измени

Редакција

Девизните резерви на Македонија во ноември 3.9 милијарди евра

Редакција