Митрополит Европски Пимен на неговиот Фејсбук-профил реагираше на изјавата на бугарскиот професор Пламен Павлов од универзитетот во Велико Трново, кој смета дека чинот на канонизација за светител на Кирил Лешочки од страна на Македонската православна црка е богохулење, крадење на историјата, апсолутно кршење на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Македонија и невидена злоупотреба на историјата.
„Кога се канонизира некој човек за светител на Црквата Божја, тој се прогласува за жител на Небесата, а не на некоја земја земна.
И тоа го знае секој човек кој барем грам вера има повеќе отколку национално слепило.
А сепак ете за жал, некој професор од Бугарија реагира на тоа дека канонизација било крадење историја и со тоа покажува дека е далеку од верата, а блиску до национализмот. И дека за него нема ништо свето, во случајов дури ни Лешочкиот светител.
А свети Кирил Лешочки е нашиот нов светија и на целата Црква православна.
Затоа, поклонувајќи се пред неговите свети мошти, да повикаме:
Свети Кириле Лешочки, прости ни што радоста на Небесата ти ја расипуваме со нашите земни и тесногради размислувања и препукувања.
И моли се за сите нас, па какви и да сме, та да бидеме подобри,“ пишува отец Пимен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кирил Пејчиновиќ канонизиран во светител
Фото: Фејсбук/Пимен