Меѓународен фудбалски турнир на кој учествуваа младинци од нашата земја како и од Полска, Австрија, Русија и Унгарија се одржа од седми до деветти ноември на теренот на академијата „Вардар“ во Градскиот парк во Скопје.
Домаќин на овој интернационален настан беше меѓународното училиште „Нова“, а тимот составен од средношколци од оваа образовна институција се пласираа на второто место. Натпреварите се дел од спортските активности кои се организираат во рамки на Асоцијацијата на училишта од Централна и Источна Европа (CEESA) чиј член е и „Нова“.
Покрај редовните турнири во фудбал, се одржуваат и натпревари по кошарка, крос кантри, трчање, одбојка, пливање, тенис и софтбол.
„Нова“ со свои тимови учествува на овие фудбалските турнири за средношколци од октомври 2009 година и за овие десет години има освоено шест први и две трети места.- За време на оддржување на овие турнири најчесто имаме ученици од повеќе од 40 националности со оглед дека учествуваат меѓународни образовни институции.
Досегашното искуство е дека учениците кои како гости се задоволни од начинот на кој ги организираме овие турнири. Воодушевени се од гостопримството на нашите семејства кои ги отвораат своите домови за да ги сместат гостите за неколку ноќи и ја ценат дадената можност да го запознаат Скопје и да се дружат со своите врсници од „Нова“.
Токму комбинацијата од запознавање на нова култура, дружење со свои врсници од друго училиште и играњето на омилениот спорт е нешто што создава сеќавања кои долго траат – објаснува Александар Ристовски, координатор на спортската програма во „Нова“.
Училиштата кои учествуваат на овие CEESA турнири се едни од најреномираните во Европа по повеќе параметри.
– Имаат импресивни училишни кампуси кои дозволуваат да се одвива едукативен процес соодветен за 21-виот век, со буџети на кои би позавиделе некои од нашите поголеми македонски компании. Дополнително ги имаат имплементирано најдобрите едукативни програми, исто како и „Нова“, и регруритаат квалитетен кадар од целиот свет, којшто има долгогодишно искуство во меѓународното образование – објаснува Ристовски.
Тој посочува дека во „Нова“ постои значителен интерес за програмата за фудбал која не е резервирана само за момчињата и секоја година повеќе од 30 средношколци (машки и девојчиња) се регистрираат како членови на фудбалските тимови. Тие тренираат заeдно вo текот на сезоната (од почеток на септември до средина на ноември) и на крајот на сезоната учествуваат на вакви меѓународни турнири.
КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА