Во гевгелиско моментно, поради широката трансмисија на ковидот, најмногу се заразува младата популација од 12 до 19 годишна возраст, која не е вакцинирана и нема прележано Ковид-19, поради што вирусот тука и си наоѓа плодно поле, изјави епидемиологот Сашко Олумчев, раководител на ПЕ на Центарот за јавно здравје при Општата болница во Гевгелија.
–Во изминативе две недели регистриравме 64 заболени пациенти што претставува пораст за исто толкав процент во набљудуваниот период. Во ваква ситуација нема потреба да правиме анкети и да бараме кластери, туку вниманието го насочивме кон вршење надзор во основните и средни училишта околу користењето на мерките за заштита меѓу учениците кои наставата годинава ја следат со физичко присуство, рече Олумчев.
Зависно од однесувањето на вирусот во наредниот период, Олумчев смета дека не само од трета „бустер“ доза, туку дека и од четврта може да има потреба, независно од кој производител затоа што различното делување на вакцините го збогатуваат и стимулираат имунитетот.
Посебно нагласи дека поради фактот што изминатава година го немавме во поголем обем, годинава сезонскиот грип би можел да се појави во посилна форма.
–Сметам дека треба што побрзо да се снабдиме со вакцини како што тоа веќе го сторија некои наши соседи. Освен ова, лекарите ќе треба да обрнат повеќе внимание при дијагностиката дали кај некој пациент се работи за сезонски грип или ковид, бидејќи “делта„ сојот се манифестира слично како грипот, рече епидемиологот Олумчев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Д-р Стојанов: „Истовремено може да се вакцинирате и со трета доза против Ковид-19 и сезонски грип“
Доктор Мехмедовиќ за СП: Не е добро да се комбинираат вакцините, влегуваме на непознат терен
МИА/Фото: МЗ