еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Може ли да бидат хакнати резултатите од престојниот референдум за името

Пред неколку дена Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија, објави анализа во која има истражување на јавното мислење за престојниот референдум за името, а исто така даде детален преглед на политичката ситуација во Македонија и околу неа, а и предупреди на силен хакерски напад.

“Освен дел од внатрешните фактори, клучните предизвици на Македонија пред претстојниот референдум на 30 септември 2018 година доаѓаат од надвор. Јавно противење на членството на Македонија во НАТО изразија Србија и Русија. Затоа го зајакнаа безбедносно-разузнавачкото присуство во таа земја со цел нејзина дестабилизација пред претстојниот референдум.

Не случајно претседателот на Србија Александар Вучиќ пред референдумот иницира приказната на границите, размена на територии и наводно решение на албанско-српскиот конфликт. Сè е насочено кон Македонија, да се обиде да се спречи успешен референдум во таа мултиетничка земја, со што ќе се спречи нејзино членство во НАТО.

Се очекува силен хакерски напад врз Македонија со цел промена на волјата на граѓаните и спречување на успехот на референдумот. Сепак, зад овие причини, се крие веројатно главната причина, а тоа е фактот дека по успешниот референдум следи долгоочекуваниот признавање на канонската автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ), која заеднички сакаат да ја спречат Србија и Русија.

Загрижувачки е фактот дека во близина на македонско-српската граница во Ниш се наоѓа српско-рускиот хуманитарен центар, која неофицијално претставува руска воена база во Србија и ја загрозува националната безбедност на Македонија и Косово. Наместо да го повлече својот безбедносен разузнавачки апарат од Македонија, Србија дополнително го зголемува“, стои во анализата, која во целост можете да ја прочитате ОВДЕ.

МОЖЕН ЛИ Е ХАКЕРСКИ НАПАД?

Во Македонија за разлика од развиените земји се уште нема електронско гласање, што во старт ги намалува шансите за сериозен хакерски напад на резултатите од референдумот.

На глобално ниво хакирањето на бизнисите, изборни резултати, лични податоци на граѓаните, банкарски сметки, мобилните телефони… во последнава деценија стана секојдневие.

Во САД на пример се уште е актуелен скандалот со наводното руско мешање во последните претседателски избори, но таму граѓаните ја имаат можноста за електронско гласање.

Македонските граѓани немаат можност за електронско гласање, но податоците Државната изборна комисија (ДИК) ги обработува електронски.

еМагазин го контактираше ДИК за да ни објаснат колкави се можностите за хакирање при електронската обработка на податоците, но иако ни беше ветен одгвор и објаснување, не добивме ништо.

САЈТОВИТЕ НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЛЕСНА МЕТА ЗА ХАКЕРИТЕ

Во Македонија последниве години најмногу случаи беа регистрирани со хакирање на кредитни картички и профили на социјалните мрежи, но цел на хакерски напади беа и неколку сајтови на државни институции.

Меѓу нив се и сајтовите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Јавното обвинителство…, но и на фирми каков што беше случајот со државната ОХИС.

КОИ ЗЕМЈИ СЕ НАЈОДГОВОРНИ ЗА ХАКЕРСКИ НАПАДИ НИЗ СВЕТОТ

Неодамнешно истражување покажа дека се почесто зад хакерските напади низ светот повеќе не стојат само „осамени“ хакери, туку држави.

Според Symantec, глобалниот лидер за сајбер сигурност оваа се десетте најодговорни земји за хакерски напади низ светот: САД, Кина, Русија, Бразил, Јапонија, Виетнам, Германија, Индија, Велика Британија и Франција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колку чини лекувањето од Ковид-19 во домашни услови: Каква терапија препишуваат матичните лекари

Редакција

(Галерија) Втор ден од осумнаесеттиот Моден викенд Скопје

Редакција

(Фото) Македонското и НАТО знамето под водите на Охридското Езеро

Редакција