еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

На 30 март пресуда за обвинетиот во „Империја“ којшто призна вина

Основниот кривичен суд Скопје на 30 март ќе ја објави пресудата за второ обвинетиот во случајот „Империја“, Зоранчо Митровски, којшто призна вина за делата „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“.

Обвинителката Лиле Стефанова, во завршен збор рече дека самото признание на вина е исклучително олеснителна околност и дека со тоа значително придонел за економичноста на постапката, додека како отежнителни околности, се начинот и мотивот на извршување на делото.

– Сметам дека покрај кривична санкција, Судот треба да одлучи и да ја конфискува имотната корист од 92 милиони денари, изјави Стефанова.

Бранителот на Зоранчо Митровски, во завршен збор, рече дека по однос на казната Судот да го цени признанието на вина, како и дека обвинетиот изразил подготвеност да го намири отштетното побарување, дека е татко на две полнолетни деца и стопанственик на фирми кои вработуваат повеќе фамилии.

– Се каам за стореното. Казната ја чувствувам многу силно. Целта на казната е постигната со самото признание на вина и што се повлекувам од сите деловни ангажмани, изјави Митровски пред Судот.

Претставникот на оштетеното правно лице АД Бетон Штип, посочи дека веќе е изјавено отштетно побарување но во вкупен износ, преднајавува отштетно побарување во висина од 92.250.000 денари со камата спрема обвинетиот.

Претходно денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи постапката против прво и третообвинетиот за случајот „Империја“, Цветан Панделески и Јованчо Тасковски.

Одбраната на обвинетиот Цветан Панделески во воведен говор, пред Судот, рече дека ќе докаже дека обвинението по однос на Панделески е класичен пример на недозволена правна конструкција.

Неговата одбрана, пред Судот рече дека ќе докаже дека Панделески не сторил ниту едно од делата што му се ставаат на товар и дека делата опишани во Обвинителниот акт не се кривични дела.

Според одбраната, доколку се прочита обвинението и самиот диспозитив за однос на Злоупотреба на службена положба и овластување нема ниту еден опис за противправно дејствие на Панделески. Односно Панделески се обвинува како неизвршен член на Одбор на директори за одлука донесена од сосем друг орган – Собрание на акционери каде ниту учествувал ниту гласал.

Трето обвинетиот Јованчо Тасковски, пред Судот рече дека го разбира обвинението и дека не се чувствува виновен.

Во завршен збор, адвокатот на Тасковски, рече дека одбраната ќе докаже дека еден единствена сторител е “оштетената” Кираца Трајковска и н.н. лица за кои воопшто нема истрага.

– Ќе докажеме дека не постои намера и договор меѓу обвинетите, бидејќи двајцата не се познавале. Никој не спомнува ниту еден усмен договор или разговор меѓу двајцата, изјави неговиот бранител.

Претставникот на АД Бетон Штип, пред најави отштетно побарување од прво обвинетиот Панделески во висина од 92.250.000 денари, додека кон Тасковски нема отштетно побарување.

Адвокатот на оштетената Кираца Трајковска, пред најави отштетно побарување во висина од 96.324.042 денари, додека правното лице Естела ДООЕЛ бара 11.508.858 денари.

Главната расправа за случајот против Панделески и Тасковски продолжува на 19 април.

Судскиот случај почна против обвинетите Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292.333.000 денари или 4.753.382 евра.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Соништата од Широк Сокак се остварија во Словенија: Успешната приказна на д-р Ружица Мирчиќ Дорески

Редакција

Демократски сојуз за францускиот предлог: Бугарските националистички и негаторски барања стануваат европски

Редакција

Зоран Милески-Кичеец дал изјава во полициска станица за сите „бомби„

Редакција