еМагазин
Image default
Бизнис

На пазарот на труд, мажите учествуваат со околу 60, а жените под 40 проценти

Повисоки работни позиции за жените во корпоративниот свет засновани на квалитет, системско подобрување на состојба на жената во руралните средини со конкретни мерки, како и развој на женското претприемништво преку Балканска платформа за креирање на продукти за заедничко настапување на поголемите светски пазари е фокусот на денешната прес конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија, Здружението на бизнис жени  и Националната федерација на фармери.

Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот, истакна дека подигнување на свеста за важноста од родовиот баланс во сите сектори, особено во оние кои традиционално жените се малку застапени како енергетика, машинска и електро индустрија како и нивно позиционирање на раководни функции е од голема важност за економскиот развој на Македонија.

„Во споредба со високо развиените европски земји сè уште постои значајна родова нееднаквост и поради тоа, заостануваме зад просекот на ЕУ во постигнувањата на полето на родовата еднаквост во речиси сите домени.

Постоечкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд е следен, мажите учествуваа со околу 60%, а жените под 40%. Позиционирање на високи позиции драстично се разликува во приватниот и во јавниот сектор, за разлика од приватниот сектор во јавниот постојат квоти.

Доколку постои свест и култура на почитување на вредностите, квотите не би требало  да постојат.

Но, додека да се премости таа разлика, и квалитетот да биде на прво место за добивање на одредената позиција, треба да се размисли и за воведување на квоти во приватниот сектор, по примерот на Германија која уште пред 5 години воведе минимални квоти за жени во одборите на директори во големите компании“, изјави Кулебанова и додаде дека таквите чекори ќе значат голем придонес кон воспоставување на родовата еднаквост, зголемување на уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки работни позиции во корпоративниот свет.

Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека  предизвиците во руралните средини се бројни, како социјална исклученост на жените, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, како и од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита.

Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата.

„Минатата година постигнавме успех во соработка со Министерството за труд за отстранување на дискриминаторската мерка 115 од Програмата за финансиска подршка за рурален развој. Годинава наша заложба е решавање на уште еден проблем поврзан со дискриминацијата во руралните средини, а тоа е лишување од правото за користење на платено родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци.

Постои правен пропуст во Законот за здравствено осигурување односно во член 14 опфатени се само физичките лица кои се  вработени во приватен сектор или државни инситуции, самовработени лица, а се изоставени регистрираните земјоделки и земјоделци.

Апелираме државните институции за здравство и социјална работа  да отпочнат инклузивен процес за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување  во кој ќе се изнајде решение земјоделките и земјоделците кои плаќаат придонеси и земјоделство им е основна дејност да го искористат своето право на здравствено осигурување и боледување.

Во рамките на овој процес НФФ бара да бидат вклучени и здруженијата на граѓани  кои  работат во полето на земјоделството и руралниот развој“, истакна Мојсоска.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени рече дека активно работат на јакнење на женското претприемништво во земјава и во Југоисточна Европа.

„Резултатите од сработеното во изминатата година се препознатливи и корисни за жените претприемачки. Преку работа и изведување на активностите зацртани од акцискиот план во минатата година во соработка со Министерство за економија и другите министерства и институции  направивме промена во мерките за поддршка за претприемништво, каде што во сите мерки се предвидени стимулативни критериуми за жени претприемачки , како дополнителни бодови, потреба од помал број на вработени итн.

Дополнително, задолжението е сите институции да водат родово сензитивни статистики за да понатаму можат да се креираат политики базирани на податоци. Во рамките на Здружението, креиравме Кластер за женско претприемништво кој што е насочен кон креирање на можности и искористување на извозните потенцијали на компаниите во сопственост на жени.

Формирана е Балканската платформа за жени претприемачки преку која работиме на креирање на заеднички продукти за заедничко настапување на поголемите светски пазари“ изјави Дисоска и додаде дека на национално ниво се одржани многубројни обуки за развој на претприемништвото во сите осум плански региони, каде што се дава особен акцент на жените од руралните средини како и на младите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Совет на Народна банка: Постојат нагорни ризици за инфлацијата

Редакција

Дури 9.075 слободни работни места во првото тримесечје од 2020

Редакција

Грчка компанија ќе ја гради хидроцентралата Чебрен, ќе чини 1 милјарда евра, а ќе се гради 7 години

Редакција