еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Над 400 гости од земјава и странство дел од годинешниот Самит Македонија2025

Околу 430 гости од земјава и странство беа дел од годинешниот Самит Македонија 2025. Во рамките на самитот беа одржани 14 панели на значајни теми, а во нив учествуваа повеќе од 40 говорници, кои ги споделија своите искуства и знаења во неколку различни области.

Панелите на Самит Македонија 2025, кој годинава се одржа по 11-ти пат, беа посветени на актуелни теми како што се дигиталната трансформација на бизнисите и општествата, лидерството во бизнисот, потенцијалот на популарните „блок-чејн“ технологии и крипто-валутите, односно можните пристапи на нивна имплементација.

„Се надеваме дека Самитот инспирира и охрабрува промени во општеството и во економијата. Нашата главна цел беше да порачаме дека и малите можат да успеат доколку брзо и флексибилно се приклучат кон трансформацијата која се случува во светот.

Вистинското лидерство носи успех и затоа важно е да одиме напред кон побрз и долгорочен економски развој,” истакна Никица Блажевска- Мојсоска извршен директор на Македонија 2025, заблагодарувајќи се на присутните.

На значењето на регионалната соработка и интеграциите беше посветено свеченото отворање на Самитот Македонија 2025, а на оваа тема говореа и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ. Тие порачаа дека економските и геополитички предизвици, упатуваат на неопходноста од градење партнерства со следење на позитивните примери за развој на регионот.

Самитот обедини бројни домашни и регионални бизнис лидери, општествени и политички чинители, експерти од академската заедница и претставници на граѓанскиот сектор во дискусии на разни актуелни теми.

На вториот ден од Самитот Македонија2025 се обрати и претседателот  Стево Пендаровски, кој го потенцираше значењето на Македонија 2025 и придонесот кој организацијата го дава за развојот на бизнисот во земјата.

Пендаровски се осврна на предизвиците со кои се соочува земјата и светот и истакна дека неопходно е да го зголемиме економскиот раст, за што е потребно да се фокусираме на имплементација на нови технологии, поголема дигитализација и грижа за животната средина.

Македонија 2025 ја иницираше и Платформата за просперитетна иднина, која се базира врз 7 клучни области – образование и човечки капитал, конкурентност и водење бизнис, владеење на правото и борба против корупцијата, демократско општество, животна средина, јавно управување, дигитализација и дигитални вештини. Платформата нуди и алатка за мерење на напредокот на земјата во овие области со цел напредок во економскиот раст и развој.

Од основањето, па досега, Македонија 2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образование и лидерство, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.

Самитот Македонија 2025 ги обединува водечките компании, бизнис лидери, општествени чинители и институции во промовирање на успешни примери кои придонесуваат кон одржливи иницијативи и раст и развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Внук на Гоце Делчев: Јас сум Македонец и моите предци се Македонци

Редакција

Француска „Ла Кроа“: Софија би можела да истрае во блокирањето на Северна Македонија, но делумно и блефира

Редакција

Резултати од државната матура: Средната оценка од екстерните испити е 3,78 и е повисока од лани

Редакција