еМагазин
Image default
Македонија

Народниот правобранител препорачува лицата со попреченост како и нивните даватели на услуги, да имаат приоритет во вакцинирањето

Народниот правобранител препорачува Владата да изврши измена на постојниот Национален план за вакцинација против Ковид-19 и во приоритетни групи да се опфатат лицата со попреченост, давателите на услуги за поддршка на овие лица, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование и како и лица кои им пружаат услуги на лична асистенција.

Истовремено бара вакцинацините да бидат дистрибуирани правично, и даваат препораки како да се олесни процесот на вакцинација на овие лица.

Разгледувајќи го Националниот план од Канцеларијата на народниот правобранител утврдиле дека лицата со попреченост, како и лицата кои се грижат за нив не се наведени како приоритетни групи за вакцина, иако неспорно се соочуваат со зголемен ризик од заразување со Ковид-19 поради самата здравствена состојба и нарушеното здравје кое е карактеристично за многу лица со попреченост, но и поради секојдневниот контакт со давателите на услуги за поддршка, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование…

– Народниот правобранител е свесен за ограничената достапност на вакцините сходно која се изврши приоритизација и субприоритизација на ризични групи за вакцинација во погоре споменатиот План за вакцинација, но во услови кога епидемиолошката состојба во државата укажува на широка распространетост на вирусот во заедницата, несомнена е потребата за опфат на погоре наведените лица во Планот за приоритетна вакцинација, затоа што и лицата со попреченост  во време на пандемија од Ковид-19 се исто така меѓу најранливата популација на граѓани во ризик, се вели во соопштението од Народниот правобранител.

Покрај наведеното, се додава во соопштението, за многу лица со попреченост невозможно е одржувањето на физичка дистанца бидејќи им е потребна директна помош и поддршка во секојдневните активности од страна на други лица, за кои е неопходно потребен непосреден физички контакт, што неспорно укажува на потребата и за нивно вклучување во приоритетните групи за вакцинација.

Народниот правобранител, исто така укажува дека одредени лица со попреченост се поизложени на ризик од зараза затоа што немаат пристап до навремени и разбирливи информации во достапни формати за тоа како да се заштитат од вирусот, додека за некои лица со интелектуална или лица со психосоцијална попреченост, покрај одржувањето на физичка дистанца не е изводлива и постојаната употребата на маски или покривање на лицето, како и придржувањето до останатите мерки за одржување хигиена.

Ова е особено случај за лицата со попреченост кои живеат во резиденцијални установи каде што ризикот за ширење на инфекција е многу голема.

Исто така, се вели во соопштението, кога се заразени од вирусот, лицата со попреченост имаат поголема веројатност да развијат потешки симптоми кои можат да предизвикаат смртен исход.

Во случај на зараза со Ковид-19, оние лица со попреченост кои имаат претходни респираторни здравствени проблеми, се изложени на поголем ризик за развој на потешка клиничка слика која може да заврши фатално.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Пожари во Штипско, Струмичко, Скопско, Битолско, Охридско, Тетовско, Кумановско и Велешко

Редакција

Драматично сведоштво на патник за несреќата на автобусот на „Дурмо турс“ во која загинаа 16 лица

Редакција

„Монструм“: Загрозениот сведок видел четири тела на Смилковското езеро

Редакција