Во изминатиот период се забележува мал, но континуиран пораст на стапката на старосна зависност како приближна претстава за потенцијалниот однос помеѓу бројот на пензионерите и работното население, односно помеѓу корисниците на бенефиции и оние што ги создаваат.
Во 2017 година, стапката на старосна зависност изнесуваше 19.2 %, што е под просекот на ЕУ 28. Во согласност со возрасната структура на населението, произлегува дека на едно неактивно лице има пет активни лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Зголемувањето на стапката на старосна зависност ќе доведе до ситуација помал број вработени да издржуваат еден пензионер, што ќе претставува голем финасиски товар врз работоспособната популација
Транзицијата доведе до исклучување на повозрасните вработени од пазарот на трудот и нивна замена со помлада работна сила. Се зголемува бројот на корисници на бенефиции во однос на оние што ги создаваат.
Економски неактивното население претставува голем товар за вработената популација, што во следната декада неминовно ќе ја доведе во прашање одржливоста на јавните финансии, пензиските фондови и системот за здравствено и социјално осигурување.
Миграциите во услови на слободно движење на работната сила може да ја намалат понудата на квалиификувана работна сила, со што ќе се ограничат можностите за развој. Од друга страна, миграциите може да стимулираат и позитивни промени со трансфер на пари, идеи и инвестиции во државата.