Мештаните на Грчец веќе втор ден се без струја поради сериозен дефект во мрежата и ова не е прв пат да се соочуваат со ваков дефект, пишува Фокус.
Понекогаш неколку улици, а понекогаш цело село останува без снабдување со електрична енергија.
Дел од жителите кои се плаќачи, креваат рамења без да имаат никаква можност да ја спречат појавата на дефектите.
Свесни дека тие настануваат се повеќе и почесто поради кражби, не знаат како да го решат проблемот.
Погледот им е кон надлежните кои мора да ја решат ситуацијата еднаш засекогаш, со цел да имаат нормален живот со основни услови.
Од ЕВН велат дека дефектите се појавуваат поради кражбите на мештаните, но освен тоа, дека проблем имаат и со мештаните кои им ги напаѓаат екипите на терен, токму кога тие одат да го поправат дефектот. Пренесуваат дека мрежата не може да се реконструира, бидејќи се спречени да работат.
„Во село Грчец, вчера околу 8 часот наутро настана дефект поради што снабдувањето со електрична енергија е се уште во прекин. Овој дефект е последица на контуинирано неовластено и неконтролирано користење на електрична енергија од страна на мештаните.
Трафостаниците се преоптоваруваат и оштетуваат, како и останатата енергетска опрема, а како резултат се појавуваат сериозни дефекти.
Екипите на Електродистрибуција при отстранување на дефекти и вршење на технички активности во ова село, се спречуваат од страна на жителите и често се соочуваат со вербални и физички напади.
Со ова, во целост се нарушува нормалното функционирање и работење. Поконкретно, невозможно е да се санираат дефекти се додека на вработените на терен им е спречен пристапот до самите енергетски објекти и немаат нормални услови за работа,“ велат од ЕВН за Фокус.
Фото: Unsplash