еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Нема меѓупартиски компромис: Откажана претстојната рунда дијалог во рамки на процесот “Жан Моне“

Претстојната рунда разговори во дијалогот “Жан Моне“, што требаше да се одржи на 28 февруари и 1 март во Скопје, е откажана поради неможноста да се постигне меѓупартиски компромис, потврдија за МИА европратениците кои го олеснуваат процес.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, биле известени дека нема можност за одржување на новата предвидена рунда.

-Смислата на „Жан Моне“ е создавање атмосфера на соработка, на договор, барање компромис, ако тоа не е можно, ако некој вели дека тоа за него не е возможно, тогаш сето тоа нема никаква смисла, изјави за МИА Иво Вајгл, без притоа да се произнесе за тоа која страна е одговорна за откажување на процесот.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ неодамна соопшти дека го суспендира учеството во процесот поради одлуката за притвор за нивни истакнати членови. Меѓутоа, од Европскиот парламент уверуваат дека процесот не е мртов.

-Верувам дека ќе се договориме да се одржи процесот во некое догледно време, уверува Вајгл. Патот до компромис е секогаш тежок, посебно во Македонија, каде има многу емоции и стари приказни и сигурен сум дека треба некое време за луѓето за да продолжат да работат во корист на државата, вели тој.

Од кабинетот на Едвард Кукан, исто така, потврдуваат дека нема да се одржи новата рунда, но европратеникот заедно со неговиот колега Кнут Флекенштајн ќе отпатуваат во Скопје во петок за да се сретнат со сите страни, надвор од форматот “Жан Моне“, нешто во што Вајгл не сака да учествува.

Истовремено, в четврток и петок, предвидено е делегација на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, во која учествува Флекенштајн, да ги посети Тирана и Скопје за да го процени напредокот во двете земји во пресрет на одлуката на ЕУ за датум за преговори.

Седуммина европратеници, предводени од Туне Келам од Европската народна партија, ЕПП, ќе се сретнат со претставници на владите и опозицијата во двете земји.

-Оваа 2019 е суштинска година која ќе ја обликува долгорочната иднина на Албанија и Северна Македонија. Го поздравуваме досегашниот напредок и итно ги повикуваме сите политички сили да соработуваат за да ги имплементираат потребните реформи без одлагање, нема време за губење до состанокот на Советот во јуни каде ќе се носат одлуките за подготвеноста на земјите да започнат преговори, изјави Келам пред посетата.

Во Албанија, опозицијата одлучи да ја бојкотира работата на парламентот, што може да го доведе во опасност датумот за преговори за земјата. Европратениците ќе ги повикаат двете страни да се ангажираат во конструктивен дијалог.

-Бојкотот стана една многу неконструктивна пракса во југоисточна Европа, рече Вајгл за МИА, и додаде дека смета дека никому не користи, а оди на штета на државата и ги повика сите “убаво да размислат пред да се одлучат на таква опструкција“.

-Недијалогот е најлошата работа која може да се случи кога има отворени проблеми, додаде европратеникот од Словенија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Масакр во Канада: Стоматолог преправен во полицаец уби најмалку 16 лица

Редакција

Заев: Драго ми е што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат од притвор

Редакција

Твитер „полуде“ за „Пуцко петрол“: „Уште еден тендер, па влагаме во ЕУ“

Никола Осило