еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Несекојдневна приказна на Исмет Аџиу: Срцето го носам во торбичка и сите можат да го чујат

1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј. По тој повод, токму на тој ден се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј, а во меѓувреме со помош на дел од приказните испишани заедно со пациентите на оваа клиника ќе се потсетиме на почетоците, на приказните со среќен крај, но и на она дека сите поседуваме срце, богато или опустошено или полно како овој свет…

Се движам кон Исмет, кој ме чека на договореното место, но седи пред мене и е завртен со грб. Знам дека тој е првиот пациент на доктор Жан Митрев кој има вештачко срце, но всушност не знам како изгледа тоа срце – читав, се обидов да дознаам повеќе, но, се вели, теоријата е слепа без пракса – и тоа е факт!

Доаѓам до него и под јакната не ги забележувам цревата, забележувам симпатичен и насмеан млад човек, но слушам чуден звук. Наликува на срцево отчукување, но од каде доаѓа, како е можно… И тогаш сфаќам дека срцето на Исмет не му е во градите, туку во торбичката која ја чува до себе.

Исмет Аџиу е скопјанец кој има 41 година и веќе една година нема свое срце. Во живот го одржува оваа мала торбичка која работи на струја, но и батерии. Пред да се најде во ситуацијата која комплетно му го сменила живот вели немал никаков здравствен проблем, а не па некаква мака со срцето. Животот го однел во Норвешка каде заминал да работи, но по 15 дена таму доживеал масивен инфаркт по кој му бил вграден стент.

„Ми ставија стент и ми рекоа дека срцето ми е многу оштетено, односно дека ми работи само 30 проценти. Не сакав да останам таму, па се вратив дома. Направив низа прегледи овде, но ми беше кажано дека ќе морам да заминам на операција и ми ја препорачаа клиниката на доктор Митрев. Не знаев што ме чека, но единственото решение ми беше ова.

Веќе една година имам вештачко срце, иако со ова не се живее баш нормално најважно од сè е дека сум жив. Сега се надевам на трансплантација на човечко срце“, ја почна својата приказна Исмет, кој ни откри дека пред инфарктот имал нормален живот и, што се вели, не бил болен, а не па да почувствува некаква мака со срцето.

Во Норвешка работел како молер и вели: „Работев до последен ден, буквално додека не ми се слоши и не ме однесоа во болница. Ниту некогаш сум имал болки ниту некакви симптоми дека нешто не е во ред. Не можев, а и сè уште не можам да се начудам што ми се случи.

Човек сум кој си правел редовни превентивни прегледи, па и пред да заминам за Норвешка бев и ништо не ми открија. После 15 дена таму се случи инфарктот, и тоа масивен. Таму ме спасија, но кога дојдов овде ми беше кажано дека единствено решение ми е трансплантацијата.“

Исмет вели дека кога му кажале оти треба да прави трансплантација тоа за него бил голем шок, првенствено зашто не ни знаел дека постои такво нешто.

„Прв пат во животот бев во болница не знаев ништо ниту како се прави ниту каде се прави. Од Државна болница ми предложија да дојдам овде на клиниката на доктор Жан Митрев и не згрешив. Ова се вика ТАХ, знаете јас немам срце, ова е моето срце. Вака сум една година и чекам да се направи трансплантација на човечко срце.

Со ова немам многу рок, од она што успеав да го прочитам за луѓето како мене низ светот, некои живеат две, три, пет години, но некои луѓе и не успеваат многу долго. Морам многу да се чувам од вируси, инфекции. Имунитетот ми е слаб, а особено треба да бидам претпазлив во овој период од годината“, вели Исмет.

За некои луѓе знаеме да кажеме немаат срце, а срцето на Исмет сите го гледаат, тој го носи секаде со себе, во торбичка. Навидум обична торбичка која испушта чуден звук, зашто всушност се слушаат срцевите отчукувања, па заради тоа честопати и признава чудно го гледаат.

„Најинтересно ми беше кога еднаш влегов во банка и како јас влегувам и седнав сите почнаа да стануваат и да бегаат од мене зашто мислеа дека имам бомба. Носам две торбички, едната ми е со резервната батерија. На обезбедувањето морав да му кажам за што станува збор, па кога сфатија дека немам бомба, туку вештачко срце веднаш ме спроведоа до шалтерот и сè средив за неколку минути без да чекам“, раскажува Исмет и вели дека иако мора да се чува многу како и секој млад човек сака да излезе и да се дружи со пријателите.

„Понекогаш излегувам со друштво, особено со тие што ми се поблиски, но најголемиот проблем е што моето срце е многу гласно и се слуша. Сакам да прошетам кога сум во форма, имам денови кога едноставно немам енергија, бидејќи брзо се заморувам. Си шетам, одам на пазарење, но во овој период повеќе сум дома. Па и јас морам да излезам, не можам само дома да седам, како да сум во затвор. Сакам, што се вели, малку воздух да ме фати, да се видам со луѓе“, раскажува Исмет и појаснува дека кога шета сите околу него се вртат и чудно го гледаат, но веќе навикнал на тоа.

Со насмевка на лицето вели: „Некои бегаат, некои ме прашуваат што ми е и веднаш нудат помош. На пример, кога ќе отидам во некое кафуле веднаш ме седнуваат поблиску до извор на електрична енергија или носат продолжен кабел за полнење на апаратот, ако нема слободна маса за мене веднаш ослободуваат и за тоа сум многу благодарен.

Главно луѓето штом ќе откријат за што станува збор се позитивни кон мене. Немам непријатности и сите се пријателски настроени. Забележувам и погледи полни со сожалување, но и желба да ми помогнат.“

Zan Mitrev Clinic“ нема конкуренција, па ни во Норвешка

„Ова е болница со стил! Во Норвешка имаат сè, и апаратура и персонал кој беше исклучителено посветен кон мене, навистина немам никакви забелешки, напротив само комплименти, но она што го добив овде едноставно немам зборови да го опишам. Сè е перфектно. Од докторот Митрев и од целиот негов персонал сум презадоволен, даваат сè од себе да ми помогнат и да ми ја олеснат состојбата во која сум.

Интересно е дека кога побарав да заминам од болницата во Норвешка и да се вратам дома не сакаа да ме пуштат да се вратам, но кога проверија каква клиника имаме овде, веднаш се согласија“, раскажува Исмет и додава: „Само да бидне уште трансплантацијата и ќе нема посреќен човек од мене…“

Исмет е првиот и единствен пациент на доктор Митрев со ТАХ (Total Artificial Heart), но во оваа битка не е сам. Во слична ситуација се и Маја, Дарко, Даниел…

„Сите сме со слична мака и слична судбина, постојано сме во контакт и разменуваме искуства. Се слушаме речиси секојдневно, се прашуваме како сме, што има ново. Јас сум од Скопје, па ги информирам што се случува тука“, вели Исмет, кому кога му кажале дека ќе има вештачко срце немал ниту идеја како би можело тоа да изгледа.

И токму кога ни го кажуваше тоа се слушна едно чудно ’биииип’… Сите околу него во паника, а тој со насмевка ни објасни дека батеријата е полна, едноставно торбичката била ставена на недоволно рамна подлога. Знакот за слаба батерија биле три ’титкања’. Полн со позитивна енергија, едноставно прави поинаку да почнете да гледате и на него и на сопствениот живот.

Сфаќате дека сите оние секојдневни проблеми се незначителни и едно големо ништо во споредба со она низ што минува тој, а повторно е со насмевка. И ова не го велам онака – Исмет навистина е најпозитивниот човек кој сум го сретнала во животот.

„Кога после операцијата видов какво срце ќе имам бев во шок. Сакав да го намалам звукот, да го покријам, не знаев што да правам и како ќе живеам. Чудно ми беше, но што да се прави. Кога излегувам секогаш имам некој со мене, бидејќи имам две торби, едната со срцето и уште една резервна. А и не сум најстабилен и немам многу сила.

Дури и кога пешачам правам паузи, брзо се заморувам. Сакав и да вежбам по малку, ама едноставно не е изводливо. Можам само нешто со рацете по малку, но друго ништо. Мислев дека ќе можам да правам склекови, ама ништо. Сè тоа останува за после трансплантацијата на човечко срце. Ми кажаа дека ќе имам нормален живот и дека овој период за мене ќе биде минато. Штом ќе добијам ново срце ќе појдам во Норвешка кај тамошните доктори и ќе им покажам зошто сакав да се вратам во Скопје.

Само да биде дај Боже што поскоро, мислам дека сите што ги познавам ќе ги честам. Со ова срце плус е што живееш, но не можеш да функционираш нормално, само да јадеш, да спиеш, не си способен да работиш, ништо… Од овде даваат сè од себе да биде што поскоро, и ние од Здружението се трудиме, но не ни преостанува ништо друго освен да чекаме“, раскажува Исмет, кој без никаква дилема се согласи да зборува јавно за својата ситуација со единствена цел луѓето да сфатат дека за сè има решение, па дури и за состојбите кои делуваат едноставно нерешливо.

„И јас и сите како мене се трудиме и да зборуваме јавно, а ги користиме и социјалните медиуми. Сакаме луѓето да чујат за нас и да сфатат дека има надеж, но и да ја разбудиме свеста на идните донатори. Инаку, читам многу на оваа тема и гледам документарни филмови, ме интересира каков е текот на операцијата, рехабилитацијата, животот потоа.

Многу размислувам за тоа какво е чувство по операцијата. Велат дека кај некои пациенти се појавиле емоции од донаторот, но и дека тоа не го менува стилот на живот, напротив. Тоа не ме плаши, само сакам да можам да имам нормален живот. Би сакал да знам чие срце ќе имам, всушност морам да знам. Ќе го барам тоа, па и да се запознаам со семејството, па тие мене ќе ми дадат живот. Ќе имам уште едно семејство, тој човек ти дал срце, а знам и дека ќе имам чувства за нив“, раскажува Исмет.

Честопати за да ја опишеме својата емотивна состојба или длабочината на емоциите велиме некому дека го сакаме од дното на срцето или душата, ама нашите срца за разлика од ова на Исмет се скриени.

„Размислував и затоа, но верувајте ништо не ми е сменето. Исто имам чувства, ништо не се сменило е сега можеби кога ќе добијам ново срце ќе имам и повеќе чувства. Разликата е што на моите најблиски им велам исто ве сакам, но не од градите, туку од торбичкава зашто сега таму ми е срцето“, се шегува Исмет со кого се разделивме со насмевка и желби за што поскоро да добие ново, вистинско срце кое ќе му чука во градите.

 Морам да се чувам, но смеам сè да јадам и најсреќен сум што немам забрана за месо

„Дневно смеам да пијам по едно кафе, па дури и по едно пиво. Единствено што не смеам е да консумирам газирани пијалаци. Што се однесува до храната освен премногу масна храна сè друго можам. Среќен сум што смеам месо, зашто по месото и салатите сум“, раскажува Исмет и уште вели: „Ако добијам срце сите што знам ќе ги честам, а овој апаратот веднаш ќе го вратам и тоа со еден продолжен кабел од мене. Дај Боже да биде само што е можно побрзо.“

КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Свети Николе го има најголемото велигденско јајце во земјава: Високо е три метри

Редакција

Скопјани пријавија 349 осигурани штети од силното невреме: Имотот на „Ист Гејт Мол“ осигуран со франшиза од 100.000 евра

Редакција

(Видео) Две жени загинаа, 11 туристи се во болница откако се урна пешачки мост во Овчар Бања кај Чачак

Редакција