еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

Неуспехот на Европа за одржување на прва меѓувладина конференција со Македонија и Албанија е против европската идеја, порача Заев од Економскиот форум

Со претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот започнува нова ера на соработката во регионот, истакна премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Економскиот форум за регионална соработка.

„Овој масовен одзив да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот, е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција“, потенцираше Заев.

Тој додаде дека оваа нова енергија е израз на максималната посветеност на лидерите на трите земји за ефикасна регионална соработка.

„Ова е силна политичка волја. Се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за подобар живот на секој наш граѓанин. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме.

Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани“, нагласи Заев.

Премиерот Заев дополни дека ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија — слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.

„За остварување на овие слободи, денеска како за почеток, ќе бидат потпишани еден договор и два меморандума за соработка. За да ги обезбедиме условите за реализација на овие слободи, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно“, рече премиерот Заев во обраќањето на отворањето на Економскиот форум за регионална соработка.

Заев истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.

„Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно“, потенцираше премиерот Заев.

Во завршницата на своето обраќање Заев нагласи дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан и ги повика и охраби и останатите земји од регионот да се придружат.

„Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар“, нагласи Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вучиќ: Од јануари 2023 нема да има граници помеѓу Македонија, Србија и Албанија

„Фајненшал тајмс“: Балканската тројка промовира „мини-Шенген“ сооочена со одложувањето на членството во ЕУ

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 156 оздравени од Ковид-19

Редакција

(Видео) Фудбалски ѕвезди жонглираат со тоалетна хартија по дома „против“ корона вирусот

Редакција

Владини членови биле во контакт со Заев, од неговите резултати зависи дали ќе се тестираат

Редакција