Поранешниот министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров на денешното сведочење за предметот „организаторите на 27-ми април” рече дека собраниските настани нанеле штета за сите, физички за СДСМ, а политички за ВМРО-ДПМНЕ и откри дека во тој период имало разговори за широка коалиција.
„Ова за прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО“, изјави Тодоров.
Тој додаде дека добил повик од Радмила Шеќеринска која го информирала дека тие се наоѓаат во прес салата и дека има едно лице убиено.
„Веднаш се јавив кај директорката на Итната медицинска помош која испрати екипа, но истата не можеше да влезе во Собранието. Јас се обидов да се симнам и да ги внесам, но бевме истуркани и не успеавме да стигнеме до прес салата.
Се упативме во една од канцелариите во Собранието, мислам дека беше на обезведувањето, и тогаш започна акцијата на полицијата. Прва интервенција беше врз полицаец кој беше повреден од шок бомба. Потоа јас се качив на трети кат и го барав Зијадин Села заедно со двајца доктори“, изјави Тодоров,
Тој додаде дека од овој настан има многу трауми и дека ВМРО-ДПМНЕ загубила од 70.000 до 100.000 гласови.
Премиерот Зоран Заев во изјава за „Фокус“ го демантира сведочењто на Тодоров околу наводни преговори за широка коалиција.
„Со мене пред 27 април и на 27 април не е разговарано за широка коалиција. Можеби со некој друг тогаш разговарале“, изјави за „Фокус“ премиерот Заев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Тодоров