еМагазин
Image default
Бизнис

НЛБ Банка Скопје, во соработка со Триглав Осигурување Живот, лансира нов производ Unit Linked – осигурување на живот со инвестиции

НЛБ Банка Скопје, во соработка со Триглав Осигурување Живот, ја збогатува својата понуда на небанкарски финансиски производи и воведува нов производ – Unit Linked, продажба на осигурителни полиси за инвестициско осигурување на живот, информираат од Банката.

Unit Linked е производ преку кој средствата на клиентот се вложуваат во инвестициски фондови, со истовремено издавање на полиса за животно осигурување. Притоа клиентот, согласно своите можности и потреби, го избира износот на осигурената сума.

Исто така, клиентот согласно своите преференци може да избере помеѓу два осигурителни продукти: осигурување на живот со или без штедна компонента. За целото времетраење на договорот, клиентот има животно осигурување на договорената сума, а по истекот на договорот, износот кој му се исплаќа ја содржи осигурената сума, како и остварениот принос по основ на инвестиции.

Партнерството помеѓу двете компании беше официјализирано со формално потпишување на договор за соработка од страна на претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Антонио Аргир и генералната директорка на Триглав Осигурување Живот, Вилма Учета Дузлевска на кое присуствуваа и членови на управата на НЛБ Банка Скопје и управата на Заваровалница Триглав – матичната компанија во Групацијата Триглав.

„НЛБ Банка Скопје, во партнерство со Триглав Осигурување Живот, уште еднаш ја потврдува заложбата за воведување на нови, современи производи и е првата Банка на пазарот која во своето портфолио на финансиски производи воведува инвестициско осигурување на живот.

Воведувањето на новиот производ е во согласност со стратегијата на Банката за унапредување на понудата и овозможување на сеопфатни финансиски услуги за клиентите.

При тоа, Банката, во улога на финансиски супермаркет, ќе може да понуди сеопфатно финансиско советување и оптимално управување со средствата на клиентите, со што обезбедува производи за моментални финансиски потреби и идна финансиска стабилност.

Во услови кога каматните стапки на традиционалните депозитни производи го имаат достигнато историски најниското ниво до сега, воведувањето на иновативни финансиски производи е уште позначајно, бидејќи на овој начин на клиентите им овозможуваме различни можности за инвестирање на сопствените средства.

Unit Linked производот нуди двојна придобивка, осигурување на живот и можност за остварување на дополнителен принос на вложените средства преку нивно инвестирање во инвестициски фондови.

Силно веруваме дека преку соработката со Триглав Осигурување Живот, во кој препознавме сигурен деловен партнер, ќе овозможиме и други иновативни производи во интерес на нашите клиенти“, истакна Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на потпишувањето на договорот.

Давид Бенедек, член на Управата на Заваровалница Триглав, матична куќа на Групацијата Триглав, ја поздрави иницијативата за партнерство, го честита потпишувањето на договорот за соработка и истакна: „Ја цениме соработката со НЛБ Банка како значаен деловен партнер и со неа ги потврдуваме нашите намери за присуство и зајакнување на Триглав како осигурителен партнер на пазарот за осигурување и преку банко-каналот.

Во некои земји низ регионот со НЛБ Банка успешно соработуваме. Силно верувам дека ова е само почеток на успешна меѓусебна деловна соработка во еден нов сегмент од осигурувањето, и дека истата ќе расте и ќе се развива како на овој така и на другите пазари каде што сме присутни.

Активно сме насочени кон зајакнување на позицијата на целните пазари, а она што може да гарантираме со нашата традиција е квалитет и стандарди во работата што ги негуваме како Групација“.

За директорката на Триглав Осигурување Живот, новиот производ, кој произлегува од соработката со НЛБ Банка Скопје, претставува значајна новина која ќе придонесе за збогатување на понудата на домашниот пазар на финансиски услуги.

„Нѐ радува соработка со НЛБ Банка Скопје бидејќи во неа гледаме начин за подигнување на стандардите во понудата на производите за осигурување на живот поврзани со удели во инвестициски фондови.

Банките традиционално се предводници во финансискиот сектор на овој пазар, компаниите за животно осигурување стануваат значаен сегмент во финансиската структура на земјата, а инвестициските фондови се сѐ поприфатлив избор при алоцирање на инвестициите.

Поврзувањето на сите три сегменти на овој пазар на граѓаните ќе им донесе нова и квалитетна понуда, со транспарентен пристап во достапноста на информациите и високо ниво на корисничко искуство. Како компанија сме посветени на јакнење на банко осигурувањето и препознатливи по иновативниот пристап на пазарот.

Овој производ е целосно ориентиран кон клиентите, сами ќе одлучуваат за висината на осигурувањето и висината на инвестицијата, а ние ќе бидеме клучна поддршка во целиот процес.

Со НЛБ Банка Скопје градиме цврсти деловни релации и уверени сме дека ова партнерство ќе овозможи уникатен пристап и понуда од која придобивки ќе имаат сите наши сегашни и идни клиенти“, истакна Вилма Учета Дузлевска, генерален директор на Триглав Осигурување Живот на потпишувањето на договорот.

Производите кои во следниот период ќе бидат предмет на оваа соработка меѓу НЛБ Банка Скопје и Триглав Осигурување Живот се: Ризико осигурување на живот врзано со инвестициски фондови и Мешано осигурување на живот (со штедна компонента) врзано со инвестициски фондови, при што клиентите може да ја одберат опцијата за еднократна или повеќекратна уплата на премијата за времетраење на договорот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продадени два блока акции од Комерцијална банка за 546.000 евра

Редакција

„Аутомотив груп“ го доби тендерот на „Дрисла“ за набавка на три возила вреден 87.000 евра

Редакција

„Гранит“ доби тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина вреден 78 милиони денари

Редакција