Повеќе од две децении, Марија Каева е добро познато име на македонската музичка сцена. Нејзината харизматична појава, прекрасен вокал, извонредна лирика и авторски печат, станаа неизоставен дел од нашиот музички живот низ годините.
Незаборавни радиски хитови, но и ангажирани авторски авантури и огромен број соработки со некои од најквалитетните домашни музички имиња, се одлична база за развој.
Нејзиниот пат низ музичкиот свет е уникатен и неретко зафаќа неочекувани странични улички, но авторскиот набој е несомнен, а новиот албум „Фортуна“ е само доказ за зрелост. Извонреден албум, која јасно говори за една развиена експресивност и сериозна музичка издржаност и сето тоа во рамките на поп музиката како правец.
„Фортуна“ е директна соработка на Марија Каева со еден од нашите најпродуктивни и секако најквалитетни музичари, Владан Дробицки (Сетстат, МОБ, Кантон6, ПМГ Колектив), за кого овој албум носи неочекуван излет во електро поп води. Нешто што на Каева совршено и лежи, па таа фанстастично го надградува со својата лирика и музикалност.
„Фортуна“ е 196-то по ред издание на скопската дискографска куќа ПМГ Рекордингс и секако еден од најдобрите албуми оваа година, кој носи повеќе композиции со хит потенцијал, но и подлабоки аспирации.
Промотивниот концерт, каде Марија Каева ќе настапи во живо придружена од Владан Дробицки (електроника) и Дино Милосављевиќ (тапани) ќе се одржи на 18 декември сабота, во Младинскиот културен центар, Скопје.
Гости на концертот со настап во живо ќе бидат скопските диџеј Магија и Тодор Караколев, а како специјална музичка атракција, ќе имаме можност да го проследиме и настапот на се попопуларниот белградски состав Фантом.
Албумот „Фортуна“ на Марија Каева е поставен за продажба на бенд кемпот на ПМГ Рекордингс и може да се набави на овој линк: pmgrecordingsk.bandcamp.com.
Најновото видео и хит сингл „Гигавати и кравати“:
Видеото за „Добро Утро“, првиот сингл кој го најави албумот: