еМагазин
Image default
Македонија

Македонските и бугарските историчари стигнаа до антиката во македонските и бугарските учебници

Антиката и начинот на кој таа е прикажана во учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто во Северна Македонија ќе бидат во фокусот на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, кој денеска и утре се одржува во Скопје.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото.

Претходниот состанок се одржа во Софија, а денеска и утре членовите на оваа мешовита комисија ќе се обидат да ги усогласат ставовите за античкиот период и како тој дел од историјата во учебниците да биде прикажан на начин кој нема да биде навредлив за никого.

Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев во интервју за МИА, кое го даде за време на претходниот состанок на Комисијата, што се одржа на почетокот на април, појасни дека двете страни веќе имаат разменето забелешки не само за антиката, но и за праисторијата и средниот век.

Како проблематично и за едната и за другата страна се јавува, како што појаснува Ѓоргиев, на пример картографското претставување на одредени територии во праисторијата, во антиката и средниот век.

„И во нашите и во бугарските учебници има рефлексија на 19-вековните и 20-вековните претстави на националните држави, кои се рефлектираат далеку во праисторијата, во антиката.

Има национализација на одредени процеси во антиката, во средниот век, национализација во современа смисла од денешен аспект, давање на национален карактер на некои процеси кои се случувале пред 2000 години и повеќе.

Идејата е да се избегне тоа за нешто што се случувало во далечното минато и да се тргнат навредливите теми, кои и едната и другата страна ги смета за навредливи и за несоодветни во учебниците по историја, со кои не треба да се воспитуваат идните генерации“, истакна Ѓоргиев.

Во своето работење Комисијата поаѓа од тоа дека не може да ја игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности и оти во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории, напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

Освен за учебниците, Комисијата ги разгледува и прашањата за заеднички чествувања. Целта на заедничките чествувања, како што појасуваат од Комисијата е одредено историски личности наместо извор на конфликти, да претставуваат симбол за приближување. Тука се Цар Самоил, Свети Наум, Светите Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Григор Прличев, настани како Илинденското востание.

Како периоди каде ќе треба да се вложат поголеми напори за да се приближат ставовите и да се постигне решение, кое ќе ги поврзе двете држави, но нема да биде навредливо за националните чувства ниту на едната, ниту на другата е перидот на 19. и 20. век.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 по скопските општини

Редакција

Ковид болни и меѓу медицинскиот персонал во Клиничка болница Тетово

Редакција

Официјално е постигната коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива

Редакција