Секоја година во нашата држава во просек 150 жени заболуваат од рак на грло на матката или 15 на 100.000 жени, рече професорката Елена Ќосевска од Институт за јавно здравје на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на европската недела за подигање на свеста за ракот на грлото на матката.
Според морталитетот, секоја година умираат од 30 до 40 жени или од три до четири на 100.000.
„Во изминатите 15 години имаме постепен и благ пад на смртноста од ова заболување. Во 2008 година починале 43 жени, а во 2019 година починале 35 жени на 100.000,“ рече Ќосевска, која додаде дека согласно програмата за рана детекција и спречување на рак на грло на матка има бесплатен скрининг на жени опфатени од 24 до 61 година.
Поради ситуацијата со ковид-19, лани во првите три квартали гинеколозите испратиле само 12.000 покани за скрининг, направени се 9.000 тестови, а 900 или 10 отсто од брисевите биле со клеточни абнормалности, од кои најзастапени биле ЦИН1 и ХПВ.
„Охрабруваат податоците што сè помал број на жени се со тешка форма на карцином на грло на матка. Промените се откриваат во рана фаза и со помалку тешки форми,“ додаде Ќосевска.
Во однос на вакцинацијата против ХПВ, таа изнесе податок дека во периодот од 2014 до 2018 година, 50,4 проценти од девојчињата на 12-годишна возраст биле вакцинирани, но во 2019 година тој процент бил зголемен на 57,8.
Гинекологот Горан Димитров истакна дека најважна е примарната превенција од рак на грло на матка а се однесува на вакцинацијата. Секундарната превенција се однесува на правење на ХПВ тестови кои сè повеќе се применуваат како примарни тестови и оцени дека даваат многу добри резултати во однос на раното откривање, за разлика од ПАП тестовите кои може да бидат лажно негативни.
Димитров истакна дека, според најдобрите цитолози, голем број на инванзивни карциноми не се откриени заради грешки на ПАП тестот.