еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Од утре до недела Македонија во портокалова фаза

Од утре до недела целата територија на Македонија ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа се воведуваат мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури со времетраење од четири дена, до 16 јули, односно до натамошно одлучување.

Како што информира владината прес-служба, Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури што се очекуваат во следните четири денови и усвои соодветни препораки.

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.

Почнувајќи од утре почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Согласно усвоеното, Владата препорачува: ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лица на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

– Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се вели во соопштението.

Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.  Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот, се наведува во соопштението.

Од Владата потенцираат дека надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.

Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд. 

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Добредојдовте во Македонија, земјата во која загадуваат и болниците

Редакција

Синдикалната минимална кошница за јануари, речиси 1.000 евра

Редакција

Шансите ни се мали: Денеска клучен министерски совет на ЕУ за преговорите со Македонија

Редакција