еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Општеството е во депресија, живееме во тешки постковид времиња обременети со економска криза и изместени вредности, вели психологот Велески

Околу 50 отсто од проблемите и прашањата во психолошката ординација се за новите стресови, констатира клиничкиот психолог од прилепската болница Јован Велески.

Живееме во тешки постковид времиња обременети со економска криза и изместени вредности. Се наметнува не само депресивност кај единката, граѓанинот, туку и на целото општество што се нарекува Eномија.

Според Велески, новите генерации имаат помала можност за адаптација. Се појавуваат нови феномени на менталното здравје. Половина од прашањата на граѓаните кои бараат психолошка помош се за новите стресови.

– Три децении имавме пролонгиран период на транзиција, но еден од поголемите стресови е пандемијата и на сите тие промени кои следеа со неа – вакцинации, нови системи на живеење, нови системи на комуникација, на учење.

Сето тоа доведе до нови правила на живот, кои пак, диктираат нова адаптација. Општиот адаптациски синдром кај луѓето се појавува токму тогаш за да може човекот како единка да преживее, да се снајде во тие текови.

Моментално, можам да кажам дека се појавуваат некои нови феномени на промена на менталното здравје, зашто отпорноста на стресови, кај новите генерации е изменета, вели психологот Велески.

Велески посочува на неодамнешна објавена студија во која зет-генерацијата, а таа е генерација родени од 1995 до 2000 година, има поинакви сфаќања на животот, со помала способност за адаптација и со помала способност да ги решава практичните животни проблеми. Тоа значи дека повеќе се структурира егото на секоја единка.

„Вредностите на нашето општество се обезличија. Дојдоа на некое друго ниво каде реалните квалитети – моралност, чесност, прифаќање на одговорност, веќе немаат значење, зашто луѓето кои се успешни во ова општество ги немаат тие квалитети и младите од таа „зет-генерација“, бараат начин како да се вклопат во овој систем за да успеат.

Амбициозните интелектуалци си заминуваат од државава, оние вредните кој сакаат друг систем. Оние кои сакаат да останат, имаат друг проблем, а тоа е-како да се носат со луѓето кои имаат сè понеодговорни, помали квалитети, а сакаат да бидат на повисоки позиции и да уживаат поголем бенефит.

Во глобала, карактеристиките на оваа генерација е што не сакаат многу комуникации, не сакаат многу брачни обврски и одговорност при релации и врски. Сакаат да работат, претежно од дома, ритамот на спиење им е нарушен и изменет. Кога би излегле во средината каде има поголема динамика на движење и активности, се наоѓаат под стрес или не знаат како да реагираат.

Главно, такви проблеми се појавуваат во ординацијата. Околу 50 насто во прашање се новите стресови, додека пак, другото се последици од стресовите од транзицијата. Моменталната состојба со медицинската психологија и со менталното здравје во Прилеп е оваа која бара сосема поинаков пристап и поинаква ориентација за да се одговори на потребите на граѓаните,“ заклучува Велески.

Еномијата или своевидната депресивна состојба на целото општество има свои причини. Напуштањето на реалните вредности, но и големата партизација на општеството.

– Забележлива е една еномија. Кога општеството има исти механизми на реакции како и секоја единка, оти и општеството запаѓа во депресија, тоа е еномија. Би рекле колективна депресија. Постои едно старо еврејско правило кое вели: „Ако не сум подобар, ќе бидам полош“.

Тоа значи дека ние секој ден треба да напредуваме до одреден степен, да ја зајакнуваме нашата структура на личноста, своите сигурност, одговорност, вредност, физичка кондиција. Ако не успееме тоа да го направиме, тогаш одиме во друга насока. Во тој склоп е и материјалниот дел, како економските, егзистенцијалните потреби.

Но, како дојдовме, како општество до ова ниво, во колективна еномија и дали нарушениот систем на вредности е главниот причинител? Тие се законитости на социјалната патологија. Секое општество се задушува во своите сопствени приоритети. Не е само нашето општество.

Па и овој модернистички концепт на живеење, поради недостатокот од адекватен баланс, не може да дојде до израз. Во прашање е секаде во светот. Луѓето веќе живеат во некои други димензии, поинакви од оние кои ние ги знаеме од порано. Подалеку е од природата, од нативната структура. Се живее во свет кој дава поголема илузија, смета клиничкиот психолог Велески.

Велески уверува дека не е песимист, но многу треба општеството да излезе од еномија, да понуди сигурност на секој поединец.

– Не верувам дека за брзо ќе се реши овој проблем. Барем нашево општество ги нема капацитетите. Проблемот може да се реши ако има некаква свест. Ниту, на пример, Шведска веднаш може да се носи со проблемите на новото време. А кај нас, проблемите се од банална природа.

Не сум песимист, меѓутоа моменталната ситуација бара поголема општествена акција на структури кои нема да подразбираат лоби групи, особено не маргиналните лоби групи. Треба да подразбираат лоби групи кои се квалитетни кои ќе понудат реални вредности. А за тоа треба многу време, додава Велески.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Која е Сања Божиновска, кандидат за министер за енергетика

Редакција

(Фото) Жителите на Русиново се простија од младата Верица и порачаа нејзината хуманост да не се заборави од институциите

Редакција

Во Јавна соба под мотото „Ментална хигиена“ се отвара Скопската недела на дизајн

Редакција