еМагазин
Image default
Бизнис

ОРМ: Уредбите од новите економски мерки да бидат усогласени со бизнисот

Најавениот трет пакет економски мерки за ублажување на штетите од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата се очекува да има позитивно влијание врз стопанството. Ова е првичната оценка на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) врз основа на досега објавени информации од страна на Владата во врска со новиот пакет мерки.

„Конечниот став ќе може да го кажеме откако најавените мерки ќе бидат преточени во Уредби со законска сила, затоа што во уредбите понекогаш се предвидуваат некои критериуми кои преставуваат пречка за користење на мерките, па така и добри идеи на Владата добиваат лоша реализација.

Затоа е неопходно пред нивното конечно објавување Владата да се консултира со бизнис заедницата и да се разгледаат од страна на националниот економско-социјален совет“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Според ОРМ, мерките од третиот пакет кои директно се насочени кон стопанството би требало да придонесат што повеќе компании погодени од кризата да ја одржат својата економска активност и да го рестартираат бизнисот, со што би избегнале стечај, ликвидација и отпуштање на сите свои вработени.

„Со најавените нови 31 милион евра кои во форма на безкаматни кредити би се пласирале преку Развојната банка на Северна Македонија би овозможиле поддршка и за оние фирми кои поради недостаток на средства не успеаја да добијат помош во рамки на првиот и вториот пакет економски мерки.

Конечно се планира и државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на старт-ап, микро и мали компании – мерка која години наназад ја бараме, а планирани се и дополнителни 25 милиони евра како поддршка на компаниите за модернизација, зголемување на нивната конкурентност и освојување нови пазари. Ова се мерки кои сметаме дека се неопходни за заживување на стопанството после кризата“, вели Димитров.

Организацијата на работодавачи на Македонија оценува и дека предвидената финансиска поддршка за граѓаните и социјално ранливите групи преку платежни картички и ваучери ќе има позитивно влијание на домашната потрошувачка и на зголемувањето на продажбата на домашни производи и услуги.

„Неопходно е при конечното дефинирање на овие мерки да се внимава тие да се однесуваат за купување на домашни производи или услуги, а не на увозни, затоа што доколку државата го стимулира купувањето на увозни производи ќе го зголеми трговскиот дефицит, ќе го наруши платниот биланс на земјата и ќе се намали очекуваниот позитивен ефект врз домашната економија“, смета претседателот на ОРМ.

ОРМ е единствен репрезентативен член на работодавачите во националниот економско-социјален совет, каде уште од почетокот на актуелната криза поднесува предлози за полесно надминување на последиците врз домашната економија.

Истовремено, ОРМ редовно на својата интернет-страница www.orm.org.mk ги објавува сите информации, мерки и уредби на надлежните институции, а нуди и дополнителна асистенција и насоки за сите компании за тоа како да се користат мерките, со цел полесно и со помали последици да се надмине оваа криза.

Активностите на Организацијата на работодавачи на Македонија се поддржани од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лани зголемено производството на месо, јајца и кравјо млеко

Редакција

„Витаминка“ ги зголеми приходите

Редакција

„Линк медиа плус“ го доби тендерот на МВР за набавка на маици со кратки ракави вреден 76.000 евра

Редакција