Зошто е значаен Ормутскиот теснец

Ормутскиот теснец е во фокусот на светската јавност откако започна војната на Блискиот Исток, која ја предизвикаа САД и Израел со нападот на Иран.

Станува збор за тесен морски премин на излезот од Персискиот Залив, кој пред војната беше отворен за сите, а поминувањето низ него беше бесплатно. Сега истиот е речиси затворен, а Иран кој го контролира, веќе наплаќа такса за премин, а дозволува да поминат танкери или бродови само на одредени земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иран најавува наплата за транзит за бродовите кои поминуваат низ Ормускиот теснец

Клучно прашање во преговорите помеѓу САД и Иран

Токму овој теснец беше и една од главните теми во мировните преговори помеѓу САД и Иран изминатиов викенд, кои завршија без договор.

Иран во врска со таа прашање соопшти дека нема да се откаже од таксата и дека се уште го држи под контрола. Од претходно е познато и дека Иран таму има поставено и морски мини.

Американскиот претседател Доналд Трамп пак по неуспешните преговори најави дека американската морнарица ќе започне со процес на блокирање на сите бродови што се обидуваат да влезат или излезат од иранските пристаништа.

Додаде и дека американските сили ќе започнат и операции за уништување на мините, предупредувајќи дека секој напад на иранските сили врз американски или цивилни бродови ќе биде пресретнат со силен одговор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема договор помеѓу САД и Иран, светот пред нови економски предизвици

Зошто е значаен?

Теснецот претставува клучна точка за светската трговија со нафта. Околу 20% од вкупната нафта се транспортира низ него секој ден.

И не само тоа. Низ него поминуваат и големи количини на гас и храна за глобални потреби.

Теснецот се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, а во најтесниот дел е широк само 33 километри.

Низ него, бродовите го напуштаат Персискиот Залив кон Оманскиот Залив и понатаму пловат кон светските пазари. Го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море и важи за најважната светска транзитна точка на нафта.

Големи количества сурова нафта, која земјите-членки на ОПЕК, како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт или Ирак ја црпат од нафтените полиња низ Персискиот Залив, минуваат низ овој теснец и се дистрибуираат низ целиот свет.

Секое нарушување на неговиот сообраќај може да има непосредно и сериозно влијание врз глобалната економија, во што светот се увери откако започна војната на 28. февруари.

Најмногу погодена Азија

Азиските земји се најпогодени од ограничениот премин низ Теснецот.

Дури 82% од суровата нафта и другите горива што минуваат низ Ормускиот теснец одат кај азиските потрошувачи.

Главните дестинации се Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја. Околу 70% од вкупното количество на сурова нафта и деривати кои минуваат низ Теснецот завршува кај нив.

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести