еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Бугарија не може да постави нови услови, преговарачката рамка е затворена и не може да ја отвораат ниту македонската, ниту бугарската опозиција, тврди Османи

Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција на првиот ден од третото издание на Преспа форумот за дијалог, во врска со делот од германската резолуцијата, во кој има повик Бугарија да се воздржи од поставување нови услови за евроинтеграциите на Македонија.

– Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата.

Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност, истакна Османи.

Тој потсети дека во Преговарачката рамка се и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, во генералниот дел, каде се проценуваат добрососедските односи, а не во делот на патоказите.

Османи се надева на зајакнување на дијалогот со Бугарија и оти односите ќе бидат конструктивни.

– Се надеваме дека ќе изградиме односи, во кои добрата волја ќе го води процесот, во кои ќе создадеме разбирање еден за друг, почит еден за друг и дека двете страни нема да бидеме со калкулатор в рака и да проценуваме, кој што направил од договорите. Јас се надевам на таков однос со Бугарија, рече Османи.

Шефот на дипломатијата изјави и дека со новата бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел договориле мошне брзо да имаат средба во Скопје или во Софија.

Османи во однос на тоа дали на Преспа форумот оваа година има високи претставници на Бугарија и на Грција посочи дека тој ја поканил бугарската министерка да присуствува, но оти таа побарала од него да има разбирање, бидејќи штотуку стапила на функцијата, па се договориле да се сретнат во најскоро можно време.

На овогодишниот Преспа форум, со кој се одбележуваат и пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, како што рече Османи, има претставник од бугарското МНР, а од страна на Грција, која како што рече е во изборен процес, присуствува директорот на грчкото МНР.

Во однос на присуството на високи претставници на ЕУ, Османи рече дека преку видео порака ќе се обрати претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, а во Струга лично се присутни други високи претставници на Унијата.

Во однос на уставните измени тој нагласи дека во моментов работат на две паралелни патеки – едната е со опозицијата во целина, другата е со пратениците во Собранието.

За тоа до кога и дале рок на опозицијата да размисли во однос на уставните измени, Османи истакна дека се до првото гласање во Собранието отворен е простор за договор со опозицијата.

Министерот за надворешни работи истакна дека самиот процес на измена на Уставот има конкретни рокови и процедури и нагласи дека шанса за договор со опозицијата постои до моментот кога ќе дојде на ред првото гласање.

– До денот кога на пленарна седница ќе ги има првото гласање отворени се опциите за да има договор со опозицијата во однос на уставните измени, вклучувајќи го и планот од три точки, кој го претставив вчера. Се надевам дека во наредниот период драфтот ќе биде препратен од Владата до Собранието и тука ќе почне одбројувањето на роковите, рече Османи.

МИА/Фото: МИА/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЈСП: Јавниот превоз утре ќе функционира без застои, причината за штрајк на синдикатот е нелегитимна

Редакција

Завршува кампањата за референдумот за името, од полноќ предреферендумски молк

Редакција

Заев најави можно затворање на угостителските објекти кои нема да ги почитуваат мерките

Редакција