еМагазин
Image default
Македонија

Средба на Османи со украинскиот колега Кулеба: Русија да се врати на принципите на ОБСЕ, страдањето на цивилното население е недозволиво

Министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи денеска на средбата со шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба изрази силна осуда за континуираната руска агресија врз Украина и потенцираше дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување.

Османи го осуди и последниот поголем инцидент, што се случи во Дњепар, во кој имаше цивилни жртви и повредени деца и ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ и преку дипломатски пат да се решат сите предизвици.

Претседавачот со Организацијата, како што јави известувачот на МИА од Киев, изрази солидарност и сочувство кон сите украински мажи и жени, истакнувајќи дека нивната смелост и храброст се за восхит.

-Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата ќе престанат, при мојата наредна посета на Украина во својство на претседавач со ОБСЕ.

Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се врати на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијатам, изјави Османи.

Тој повтори дека фокусот и главниот приоритет на Организацијата годинава ќе биде Украина и повика на одговорност за сите извршени злосторства. Нагласи дека секој еден изгубен живот или уништена иднина е превисока цена што ја плаќа украинскиот народ.

–Канцеларијата на Високиот Комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем.

Покрај тоа, ОН (УНХЦР) евидентираше речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат, рече Османи.

Претседавачот истакна дека ОБСЕ е посветена и непоколеблива за враќање на мирот во Украина и додаде дека Организацијата ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.

-С Македонија на чело на Организацијата, ќе служи како чувар на договорените принципи на ОБСЕ. Можете да сметате на тоа. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе доведат до праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе поставиме основа за мирно да се разговара за сите прашања, изјави Османи.

Тој изрази надеж дека годинава ќе сведочиме за враќањето на мирот во Украина.

-Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот инструментариум на алатки за да ѝ помогне на Украина да се опорави од штетите од оваа војна. ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот.

Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа, истакна Османи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Османи од Украина: Мора да запре агресијата врз украинскиот народ, потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие

Османи во Украина

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во ноември му истекува времениот пасош на бизнисменот Орце Камчев

Редакција

ЗНМ и СЕММ го осудуваат односот на министерката Мизрахи кон А1он

Редакција

(Фото) Министерката Шекеринска се ревакцинираше

Редакција