еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Османи најави средба со бугарските здруженија, ќе ја советува заедницата како да се интегрира во општеството

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за бугарската БТВ, најави дека следната недела ќе ги покани бугарските здруженија во Македонија на средба, при што ќе се направи план како да ѝ се овозможи на бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност и да се интегрира во општеството.

„Бугарската заедница во Македонија е во период на консолидација и на интегрирање во општеството. Со оглед на фактот дека и јас потекнувам од малцинска група, која на почетокот исто така имаше проблеми со нејзиното обединување и интеграција, се чувствувам најсилно повикан да ја советувам бугарската заедница дека треба внимателно да го направи овој процес, без да предизвика негативни чувства кај останатите, да покаже дека нема злонамерност во иницијативите кои ги покренува.

Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови. Но, ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од имињата на бугарските клубови, треба да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница.

Очигледно е дека имињата што се избрани, без разлика колку историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството во поголема мера во Северна Македонија е дека овие имиња се провокации,“ вели Османи.

На прашањето на БТВ дали бугарските клубови „Иван Михаилов“ и „Цар Борис Трети“ треба да ги сменат имињата ако сакаат да продолжат да постојат, Османи посочува дека таков е законот.

„Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните.

И клубовите ќе мора да го направат тоа. Следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството. Имам искуство, имам волја и државата има волја да ѝ помогне на бугарската заедница да се интегрира,“ додава Османи.

Тој порача дека провокациите од двете страни мора да престанат, односно „Бугарија треба да сака да го спречите овој тренд на доаѓање бугарски политичари во центарот на Скопје, кои го негираат постоењето на цел народ, идентитетот на граѓаните, затоа што тогаш влегуваме во спорот: Кој почна прв?“.

Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

22-годишен пациент од Скопје почина од корона вирусот, вкупно денеска шестмина новопочинати

Редакција

Нови 108 случаи на заразени од Ковид-19, најмногу во Скопје

Редакција

Кои се најтргуваните акции на Македонската берза во декември лани

Редакција