еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Отпис на камати на долгови за 150.000 граѓани, најави Заев

Премиерот Зоран Заев го презентираше Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на Ковид-19, чиј текст беше утврден на денешната, 83. седница на Владата.

Заев посочи дека со Предлог-законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на законот.

„Грижата што ја покажуваме со оваа мерка, опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати,“ подвлече Заев.

Тој додаде дека ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите и тука се опфатени пред сè најсиромашните граѓани.

Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.

Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.

„Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив.

Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните“, рече Заев на денешната прес-конференција каде ги презентираше мерките, кои ги презеде Владата, како помош на граѓаните за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.

Тој додаде дека дел од мерките беше и временото неколкумесечно суспендирање на Законот за извршување и посочи дека извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија.

Работодавачите на должниците и носителите на платен промет беа должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите.

„Од сличните мерки беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци и тие тоа го прифатија“, додаде тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитерџиите со свои предлози за нови имиња на улици, мостови, плоштади… во Скопје

Редакција

Пет лица починале дома: Од Ковид-19 починаа 13 лица

Редакција

Топ пет највисоки просечни плати: Програмерите со 62.818 денари убедливо на врвот

Редакција