еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Пандемија со Ковид-19, бугарско вето за ЕУ, Македонија стана членка на НАТО: Настани кои ја одбележаа 2020

Македонија, но и светот ги одбројува последните денови од тешката 2020 година, со надеж дека во новата, 2021 година, ако не друго, барем ќе биде прогласен крај на пандемијата со Ковид-19, по која ќе ја паметиме годината која изминува.

Стартот на вакцинацијата низ целиот свет на крајот од годината дава надеж, а според најоптимистичкото сценарио се очекува светот во 2021 година полека да почне да се враќа во нормала.

Но, за жал, дали работите ќе се одвиваат брзо како што посакуваме сите, никој неможе да гарантира, имајќи предвид колку непредвидлив се покажа корона вирусот.

ПАНДЕМИЈА НА КОВИД-19

Пандемијата со Ковид-19 е дефинитивно е еден од трите настани, кои според еМагазин ја одбележаа 2020 година во Македонија.

Првиот случај на Ковид-19 во Македонија беше регистриран на 26 февруари.

Се работеше за македонска државјанка која во земјата се врати заразена од Италија, која тогаш беше епицентарот на корона вирусот во Европа.

Според последните податоци заклучно со вчерашниот ден вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 81.721, бројката на оздравени пациенти е 59.231, на починати е 2.445, а бројот на активни случаи изнесува 20.045.

БУГАРИЈА НЕ НИ ДОЗВОЛИ МАКЕДОНИЈА ДА ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Во време на пандемија, дополнителна горчина кај македонските граѓани создаде ветото на Бугарија за старт на преговорите со Европската Унија (ЕУ).

Освен што Бугарија беше единствената членка на ЕУ, која не дозволи дури ни да се усвои преговарачката рамка за Македонија, годинава која завршува ќе ја паметиме и по бројните навреди и говор на омраза од бугарски политичари, кои се дел од бугарската Влада, кон македонскиот народ.

Ветото на Бугарија во ноември, донесе уште едно вето од други две земји членки на ЕУ, Словачка и Чешка, во декември.

Нивното вето следеше откако Бугарија во заклучоците за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сакаше да го вметне контроверзниот параграф “погрешно толкување на историјата“, кое ќе и донесеше нови проблеми на Македонија на патот кон ЕУ, но и на сите други земји-кандидатки или тие кои се веќе во фаза на преговори.

Братислава и Прага обвинија дека оваа реченица е еднаква на „фалсификување на историјата“ и потсетија дека не е на ЕУ да суди како се идентификува една земја, ниту кој јазик го говори и предупредија дека ваква реченица претставува опасен преседан за процесот на проширување понатаму, поради што тие не се во можност да дадат согласност за овие заклучоци.

Па, поради Бугарија, годината завршува без заклучоци за проширувањето на ЕУ, нешто што не се памети во Брисел.

МАКЕДОНИЈА СТАНА ЧЛЕНКА НА НАТО

Во март 2020 година Македонија и официјално стана 30. земја членка на НАТО, настан што падна во сенка на пандемијата со Ковид-19, но и на бугарското вето.

„Северна Македонија сега е дел од семејството на НАТО, семејство со 30 нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство базирано на сигурноста дека, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, сите сме посилни и побезбедни заедно“, изјави на 27 март, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Неколку дена подоцна македонското знаме беше развиено на јарболот пред седиштето на Алијансата во Брисел и пред две други команди заедно со останатите 29.

Соработката со НАТО Македонија ја започна во декември 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО (Северноатланската договорна организација).

Фото: МЗ/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонската православна црква со апел за зачувување на македонските национални интереси

Редакција

Дизелот поевтинува за 1,5 денари, бензинот за половина денар денар

Редакција

Врховен ја одби жалбата на Јово Вангеловски за неговото разрешување

Редакција