Како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески заслужува најголема почит и благодарност. Заслужува, еден век од неговото раѓање, 2021-вата да биде година во негова чест.
Ова го истакнува претседателот Стево Пендаровски во обраќањето преку видео-порака на отворањето на Зимската школа на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, литература и култура, којашто започнува денеска и е првата активност за одбележување на овој голем јубилеј.
Тој посочи дека е 2021 е прогласена за година во чест на Блаже Конески и сите релевантни институции од областа на културата, науката и образованието ќе бидат вклучени во реализација на активности и проекти поврзани со оваа значајна годишнина.
„Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар.
Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот,“ рече Пендаровски.
МИА/Фото: Кабинет на претседател