Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид во периодот од 19-24 септември зеде активно учество во вежбата за одговор при катастрофи, организирана од НАТО – Евроатланскиот координативен центар за одговор при катастрофи, информираат од таму.
На вежбата учествуваа голем број тимови од соседните држави и членките на НАТО, кои вообичаено за овој вид на вежби, според сценарија за природни катастрофи од голем обем (поплави, земјотреси и сл.) изведуваа активности за спасување во урбани средини, од урнатини и од вода.
„Особено сме горди, што како дел од главниот планирачки тим за вежбата, на наша иницијатива, за прв пат беа вклучени две сценарија за планински несреќи, во кои активно учество зедоа тимовите на ПСС во соработка со специјалните и воздухопловните единици на Армијата и Полицијата.
Во првото сценарио, тимовите на ПСС, специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и хеликоптер на МВР, интервенираа за спасување на двајца повредени во авионска несреќа на мал спортски авион, а во второто сценарио, тимовите на ПСС во соработка со припадници од батаљонот за специјални сили „Волци“ и армискиот воздухопловен ВИНГ, изведоа акција за спасување на тандем параглајдер, кој останал да виси закачен на карпа висока дваесетина метри,“ велат од ПСС Охрид.
Од таму додаваат дека во двете сценарија, тимовите демонстрирале одлична меѓусебна комуникација и координација при изведување на комплексни операции за спасување, што се надеваме дека во иднина ќе продолжи како редовна пракса во реални ситуации за спасување.
Станува збор за Планинската спасителна служба која Општина Охрид одби да ја финансира од буџетот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За едно евро по глава на жител, Советот на Општина Охрид ја „фрли“ Планинската спасителна служба
Фото: ПСС Охрид