еМагазин
Image default
Забава

ПМГ Џез вечер во Софија, со настапи на Кантон6 и Такси Конзилиум

На покана од реномираната бугарска промотерска организација „Аларма Панк Џез“ вечерва, 12 јануари 2022, во водечкиот софиски џез „Лајв Клуб“ ќе се одржи специјална вечер, посветена на македонската дискографска куќа ПМГ Џез.

Со триесетина изданија на современа македонска џез музика и десетина реализирани манифестации (од кои две изданија на фестивалот „Крај Вардарот Џез“), ПМГ Џез е водечка сила на оваа сцена кај нас. Нивната активност во изминативе три години е есенцијална за развојот на една нова генерација музичари, кои полека бележат одлични успеси во и вон границите на Македонија.

Во рамките на вечерта со свои целовечерни концерти ќе се претстават два скопски состави Кантон6 и Такси Конзилиум.

Кантон6 е добро познат електро-џез кросовер состав, со фамозна етно реторика и трансцедентни настапи во живо. Минатата година го издадоа својот трет албум насловен како „Џезус“, со кого веќе концертираа вон земјата, на неколку џез фестивали во регионот. Носат автентичен и оригинален звук, вистинска сонична авантура за едуцираното уво.

Такси Конзилиум е бенд на композиторот и гитарист Филип Букршлиев, прогласен за најдобар млад џез музичар за 2021 од СЏФ. Нивниот албум под име „The Essential Sunday Gloom” беше прогласен за најдобар џез албум во светот за месец мај 2021, од реномираната светска музичка платформа „Бендкемп“. Носат неверојатно зрел и квалитетен фри џез звук, кој буквално ја хипнотизира публиката.

„Кантон6 и Такси Конзилиум се наши два извонредни бендови, преку кои бугарската (софиската) публика ќе има можност, на свој терен, да се запознае со најновите тенденции во современиот македонски џез, кој е редовно присутен и на Бугарското Национално Радио 3 – „Бинар“. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму, се во духот на добрососедството и културната размена со братска Бугарија,“ велат од ПМГ Џез.

Овде можете да ги најдете сите изданија на ПМГ Џез: pmgjazz.bandcamp.com.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Новиот албум на Викторија Лоба „Нов свет“, може да се слушне на музичко „анплагд“ матине на „Јутјуб“

Редакција

Дебитантот Александар Тодороски победник на Макфест

Редакција

Дојранскиот „Д-фест“ ќе се одржи на 22 август

Редакција