Родилка од Охрид, на 24 годишна возраст, починала на КАРИЛ, откако се породила со царски рез пред речиси две недели. Лекарите утврдиле дека се работи за сепса, а родилката спаѓала во категоријата ризични пациенти затоа што од својата четиринаесетгодишна возраст боледувала од ретката болест лупус.
По породувањето во охридската болница, нејзината состојба неколку дена била влошена, па заради тоа била пренесена во Скопје.
„На Клиниката за гинекологија и акушерство веднаш е ставена на интензивно лекување, во шок соба и суспектна за сепса. Во текот на целиот престој на ГАК е мултидисциплинарно третирана. Од ехо-прегледот гинеколозите исклучија гинеколошко страдање“, соопштија од клиниката.
Еден ден откако пациентката била примена на Гинекологија во Скопје, стручниот колегиум на болницата врз основа на конзилијарно мислење на тројца гинеколози, абдоминалец и пластичен хирург одлучил таа да биде поставена на машина за дишење.
И покрај сите напори на лекарскиот тим, состојбата постојано се влошувала и два часа откако била примена на КАРИЛ, починала.