еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Поднесено обвинение за првиот случај „Јавна соба“, вториот се уште е во предистрага

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Во периодот од 19 декември 2019 година до 28 јануари 2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата.

Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.

Бидејќи се уште постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците/оштетените и да ги прикриваат трагите за стореното дело, како и да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети,“ се вели во соопштението.

На социјалната мрежа „Телеграм“ оваа група веќе е згасната. Обвинителството во овој предмет поведе постапка за ова кривично дело, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација.

Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.

„Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27 јануари 2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.

До овој момент од социјалната мрежа „Телеграм“ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група.

Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање,“ се додава во соопштението.

Инаку, за утврдување кривична одговорност во групата „Јавна соба 2“, согласно својата надлежност, постапуваат повеќе јавни обвинителства во државата.

Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со „Јавна соба 2“ оформен е предмет и донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење на основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2.

Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија.

Во Основното јавно обвинителство Битола е оформен предмет во врска со „Јавна соба 2“.

Обвинителството издаде наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази и утврдување на факти во предметот. По пристигнување на извештајот од извршеното вештачење ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.

Се постапува и во Кавадарци, каде во тек е прибирање на материјали докази, за кои Обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали.

Оформен предмет има и во Основното јавно обвинителство Прилеп, каде од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.

Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата „Јавна соба 2“, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Истрагата за „Јавна соба“ во завршна фаза, за „Јавна соба 2“ се чекаат информации од „Телеграм“

Плаформа за родова еднаквост: Јавното обвинителство итно да го расчисти случајот „Јавна соба“ и да започне професионално да работи на случаите на родово-засновано насилство

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: За кого не важи полицискиот час и кога ќе се шетаат милениците

Редакција

Кабинет на Орбан: Ниту унгарската држава, ниту унгарските власти не помогнаа Груевски да ја напушти Македонија

Редакција

Твитер се „вжешти“ за негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките

Редакција