еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Поништен тендерот за надзор: Се одложува почетокот на изградбата на автопатиштата кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“

Поништен е тендерот за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на автопатите што ќе ги гради на Коридор 8 и Коридор 10-Д, американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, откако избраниот понудувач на тендерот во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот.

Во тек е рокот за жалби кој трае до 19. месецов, по што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) веднаш ќе започне со нова постапка за објавување нов тендер. Работите ќе доцнат онолку колку што ќе трае постапката за избор на нов надзор, информираа за МИА од ЈПДП.

Од таму го претставуваат целиот тек на постапката и наведуваат дека јавната набавка за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-Д, беше спроведена согласно со Законот за јавни набавки, за што беше објавен тендер, по што следуваше евалуација и избор на најповолна понуда.

На 28.12.2021 година, потсетуваат, беше објавен оглас на електронскиот систем за јавни набавки со краен рок на поднесување понуди до 23.3.2022 година во 11 часот, по што Комисијата за јавни набавки одржа јавно отворање на понудите на кое е утврдено дека се поднесени две понуди.

По завршувањето на евалуацијата, Комисијата за јавна набавка изготви Извештај од спроведената постапка при што е утврдено дека има една прифатлива понуда и даден е предлог за избор на најповолна понуда каде е наведена понудата на понуда од 23.03.2022 година од Институт IGH d.d. акционерско друштво за истражување и развој во градежништво Загреб, како лидер на група на понудувачи здружен со Друштво за проектирање, надзор и инжинеринг Институт за патишта ДОО Велес, Долно Оризари Велес, што резултираше со одлука за избор на најповолна понуда.

По конечноста на Одлуката за избор, информира ЈПДП, се изготви Договор и се потпиша на 19.7.2022 година, но не беше доставена банкарска гаранција за што беше побарано дополнително време за нејзино доставување.

Но, и по добиеното пролонгирање на рокот, најповолниот понудувач не го испочитува рокот за достава на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-Д, кој беше до 05.08.2022 година. Со ова беше прекршена Изјавата за сериозност, а потпишаниот договор нема правно дејство и можност за реализација.

Имено, иако Договорот е потпишан од двете страни, тој не е стапен во сила од причина што во објавената тендерска документација е наведено дека за оваа постапка е предвидена банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот од 10 проценти од вкупната вредност на договорот со вклучено ДДВ и во посебните услови на Договорот е наведено дека основен услов за ефективност на договорот е доставување на банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.

-Оттука, не е доволно избраниот понудувач само да го потпише договорот, туку истовремено треба да достави и банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, односно согласно член 116 став 2 од Законот за јавните набавки договорот за јавна набавка се склучува согласно со условите утврдени во тендерската документација и понудата.

Врз основа на наведеното како и врз основа на член 101 став 6, алинеја 4 од Законот за јавни набавки од причина што избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот, а истата е предвидена во објавената тендерска документација на 9.8.2022 година, донесена е одлука за поништување на постапката, стои во информацијата од ЈПДП.

Како што дополнуваат, во моментов тече рокот на жалба кој е до 19.8.2022 година, по што Јавното претпријатие за државни патишта веднаш ќе започне со нова постапка за објавување на нов тендер, што значи дека работите ќе доцнат онолку колку што ќе трае оваа процедура, односно колку што ќе трае постапката за избор на нов надзор.

По објавата на тендерот за избор на Надзор и правен трансакциски консултант што ќе ги води преговорите со американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“ заедно со формираниот Комитет за преговори, првичниот старт на градежните работи беше најавен за крајот на првата половина од годинава, а по втората седница на Комитетот на крајот на јуни од Владата објавија информација за старт на работи за овој или наредниот месец.

За изградба на трите нови автопати, Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.

Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка. Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, Владата формираше тим за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите.

Владата на седница на 28 јуни усвои Информација за одржана втора седница на Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење на Коридор 8 и Коридорот 10 д  на која, како што информираа, е формиран тимот за експропријација предводен од Министерството за финансии и во којшто се вклучени претставници за ефикасно спроведување на овој процес.

Согласно со Информацијата Владата го задолжи Јавното претпријатие за државни патишта во рок од 10 дена да формира Проектна единица за спроведување на проектот, којашто е предвидена со Договорот за градба со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“ за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10- Д. Почетокот на работите на овие автопатни правци, како што наведоа од Владата во соопштението по седницата, е предвиден за август и септември оваа година.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Секирата ми беше пет сантиметри од глава“: Новинарот и снимателот споделија детали за нападот

Редакција

Османи вели оти музејот во Сопот во кој виси слика на Ахмети не бил на УЧК

Редакција

Од безбедносни причини Пендаровски одложи интервју

Редакција