Последниот Евробарометар открива дека 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека економската состојба во ЕУ е лоша, лоша перцепција имаат и за националната економија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Евробарометарот го мери јавното мислење на граѓаните во ЕУ.
Позитивната перцепција за европската економија е намалена за пет процентни поени од почетокот на оваа година, и сега повеќе од половина, 51 отсто, сметаат дека ситуација е лоша на ниво на ЕУ, како и на национално ниво.
Перцепцијата за националната економија е позитивна само кај 34 отсто граѓани во ЕУ.
Мнозинството граѓани, 53 отсто, очекуваат дополнително да се влоши економската ситуација во наредните 12 месеци, ова е зголемување од 22 процентни поени во однос на почетокот на оваа година.
Огромен број граѓани (87 отсто) сметаат дека ЕУ треба да инвестира во обновливи енергии и да ја намали зависноста од рускиот гас.
Повеќе од три четвртини изјавиле дека презеле мерки за штедење енергија.
Што се однесува до војната во Украина, 92 отсто граѓани ја поддржуваат хуманитарната помош на ЕУ за Украина, 90 отсто се наклонети кон украинските мигранти, 78 отсто ги поддржуваат санкциите против Русија, но само 68 отсто ја поддржуваат воената и вооружената помош на ЕУ за Украина.
МИА/Фото: Унсплеш